Ова е старинска торта, каква што ја правеа нашите мајки и баби. Рецептот го добив од мајка ми, а на неа и го подарила баба ми, сосе целиот тефтер од нејзините вкусни рецепти. При подготовката ќе се чудите колку лесно се подготвува, секој може да си ја направи.
Затоа сакав да го споделам нејзиниот рецепт бидејќи е проверен и на многумина им се допаѓа вкусот. Количините на состојките ги имате во грамови и милилитри, а на кој му е полесно, може да ги прочита и во чаши. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 180 г шеќер (1 чаша), 100 мл вода (1/2 чаша), 130 г брашно (1/2 чаша), 2-3 големи лажици какао, 1 мала лажица прашок за печиво. ЗА ФИЛ: 2 јајца, 50 г шеќер, 3 големи лажици скроб, 150 мл кондензирано млеко (3/4 чаша), 250 мл млеко (1 чаша), 200 г путер (1 чаша). ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 3 големи лажици какао, 3 големи лажици шеќер, 3-4 големи лажици неутрална павлака
Доколку ги користите количините на една чаша како мерка, најадекватно е тоа да биде 1 чаша од 200 или 250 мл. Сепак, овие количини не се толку прецизни како количините во грамови и милилитри. Исто така, за овие количини се користи калап со пречник од 20 см.
Доколку имате поголем калап зголемете ја количината на состојките на следниов начин: 22 см (х1.32), 24 см (х1.78), 26 см (х2.09), 28 см (х2.42), 30 см (х2.78). Во продолжение проследете ја постапката:
ПОСТАПКА: За да ја подготвите основата, најпрво одвојте 4 жолчки од белки. Во белките постепено додавајте половина од шеќерот (околу 90-100 г), додека постојано матите со миксерот. Потоа додајте прстофат сол и матете пенасто додека шамот од белки стане цврст како снег.
Во жолчките додајте го остатокот од шеќерот и изматете додека да добијат на густина. Потоа во нив додајте 100 мл вода, продолжете со матење, па постепено додавајте го брашното низ сито, околу 130 г. Додајте 2-3 големи лажици какао, па после и 1 мала лажичка прашок за печиво.
Измешајте ги состојките додека да се соединат во фина чоколадна смеса. Потоа започнете да додавате од изматениот снег од белки, па соединете ги двете смеси со помош на шпатула. Целата смеса за бисквит се излева во калап со флексибилен обрач и се израмнува.
Бисквитот се пече околу 40 минути, на 180 степени, но за секој случај проверете го после изминатото време во внатрешноста. Поради неговата големина, можно е да му треба и повеќе време за печење.
За да го подготвите филот, ставете 2 јајца во едно тенџере, а потоа додајте 50 г шеќер. Малку промешајте со жица за матење, па додајте ги останатите состојки: 3 големи лажици скроб, 150 мл кондензирано млеко и 250 мл млеко. Варете ги состојките со повремено мешање додека да се добие фин и убав крем како пудинг.
Кремот се остава да се олади под проѕирна фолија, а за тоа време бисквитот се сече од површината, сосем тенок слој за да се израмни одозгора. Потоа се сече на половина напречно, за да се добијат 2 еднакви половини.
Едната половина се враќа во калапот кај што се печеше тортата, па се прелива со белиот крем кој претходно се измиксува за да се разреди и се соединува со 200 г растопен путер.
Врз кремот се става втората половина од колачот, се покрива целиот калап со проѕирна фолија и целата торта се става во фрижидер да се стегне, отприлика 3-4 часа. По изминатото време, направете ја глазурата од 3 големи лажици какао, 3 лажици шеќер и 3-4 лажици неутрална павлака.
Соединете ги состојките на рингла, додека да се направи еднолична чоколадна глазура, а потоа прелијте врз тортата и премачкајте ја од страните. Декорирајте по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.