One hour rolls! Фантастични печива кои како што самиот назив кажува – се прават за еден час. Моите деца ги обожуваат.

Рецептот одамна го пронајдов на некоја веб страница и со години ги правам.

Потребни состојки:

6 и ¼ шолја брашно (шолја од 250 мл)

3 шолји топла вода

¼ шолја шеќер

4 мали лажички сув квасец

2 мали лажички сол

2/3 шолја масло

2 изматени јајца

За премачкување:

Околу 50 г растопен путер

2 мали лажички мед (или по желба, не мора мед)

Постапка:

Во еден сад ставете вода, шеќер, масло и квасец, промешајте и оставете да отстои 15 минути додека да се активира квасецот.

Потоа додадете изматено јајце и сол и промешајте.

Полека додавајте брашно додека да добиете тесто кое е малку лепливо. Ако е потребно додадете малку повеќе или помалку брашно, во зависност од видот на брашното кое го користите.

Покријте го садот со проѕирна фолја или крпа и оставете да надојде 10 минути.

После 10 минути во еден сад ставете малку масло и со намастени раце директно од садот вадете мали парчиња тесто и формирајте мали топки. Јас од оваа количина добивам 30 парчиња.

Малите лепчиња редете ги во тепсија обложена со хартија за печење, оставајќи простор помеѓу за да можат да надојдат и оставете ги да киснат 20 минути.

Печете во загреана рерна на 190 степени 20 минути или додека убаво да заруменат (оригинално во рецептот се печат 10 минути, но мене никогаш убаво не ми заруменија за ова време, затоа ги печам 20).

Печените печива штом ги извадите од рерна веднаш премачкајте ги со растопен путер.

Во оригиналниот рецепт се премачкуваат со растопен путер помешан со мед, но јас ги премачкувам само со путер.