Овој бајковиден старински колач наречен „Дунавски бранови” или „Дунавски валцер“, ќе ве потсети на убавите добри стари времиња. Се прави многу брзо и лесно, а она што го прави посебен е двобојниот пандишпан и вишните кои даваат одличен киселкаст вкус на слаткиот крем.
Во недостиг на свежи вишни, може да ви послужат и смрзнатите или оние од компот. Важно е само тие да немаат семки. Откога ќе го направите пандишпанот, измиксајте го набрзина кремот, па потоа премачкајте и глазирајте. Колачот се остава сосем малку да се стегне, бидејќи така е многу повкусен, па после се послужува со шолја кафе. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСОТЈКИ: 200 г путер/маргарин, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 5 јајца, 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао, 750 г вишни без семки. ЗА КРЕМ: 2 пудинзи од ванила, 500 мл млеко, 200 г путер/маргарин, 4 лажици шеќер во прав. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо за готвење и 50 г путер.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад соединете ги путерот, шеќерот и ванилиниот шеќер, па пенасто изматете ги. Путерот треба да добие кремаста конзистентност (ако е топол е полесно да се измикса), а шеќерот да се растопи. Потоа, започнете да додавате едно по едно јајце, вкупно 5 јајца и матете со миксерот со најголема брзина, додека да се изедначат состојките.
Додајте го брашното и прашок за печиво, па изматете во мазно тесто за пандишпан, со слична конзистентност како смеса за палачинки. Половина од смесата излејте ја во намастен и наросен плех со брашно (плехот треба да биде со средна величина), а во другата половина од тестото додајте какао и вишни, промешајте и откако ќе се изедначи прелијте врз првата смеса.
Бисквитот печете го во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35 минути. По печењето, проверете го со чепкалка. Печениот бисквит оставете го настрана да се олади. Додека се лади бисквитот, пригответе го филот. ЗА ФИЛОТ: Пудинзите од ванила сварете ги во млекото на вообичаен начин и оставете го да се оладат на собна температура.
Додека се лади, повремено промешувајте го пудингот за да не фати коричка или покријте го со стреч-фолија. Путерот претходно омекнат на собна температура, пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав. Потоа лажица по лажица, постепено додавајте го во изладениот пудинг. Матете додека целосно да се соединат во фин и густ крем, кој лесно може да се премачкува.
Изладениот бисквит премачкајте го со кремот, па оставете го колачот во фрижидер да се лади еден час или повеќе. Пред послужување, направете ја глазурата: искршете го чоколадото на парчиња, додајте путер и заедно растопете ги на пареа.
Изладениот колач на крај прелијте го со чоколадната глазура и вратете го во фрижидер за да се олади и стегне. Доволно е околу 15-тина минути да се стегне чоколадото, а потоа може веднаш да го послужите. / Соolinarka.сom