За да ја подготвите оваа зимница ќе ви бидат потребни следниве состојки: 3 кг зелени домати, 2 пиперки, 2 чешниња лук, 2-3 китки магдонос, 2 лажички сол, 120 г шеќер, 125 мл масло и 125 мл 9% алкоxолен оцет.
ПОСТАПКА: Доматите добро измијте ги. Потребно е да користите здрави, неоштeтени домати без дупки или црни дамки на нив, по можност со тенка лушпа. Како што може да видите јас имам повеќе зелени домати, но се наоѓа и по некој црвен.
Доматите исечете ги на половина, па исчистете ги од срцевината и од потенцијални меки делови или дамки. Потоа иссечете ги на поголеми парчиња, на четвртини и претурете ги во поголем чист сад.
Пиперките исто така добро измијте ги и пребришете ги, па пресечете ги надолжно на половина и исчистете ги од дршката и семките. Потоа исечете ги на подолги ленти, па и нив додајте ги во садот со домати, а потоа преминете на магдоносот.
Измиениот и исчистен магдонос исечкајте го ситно со нoж и додајте го во садот, како и ситно исечканиот лук. На крајот посолете, со две лажици сол, 120 г шеќер, 125 мл масло и 125 мл 9% алкоxолен оцет.
Смесата внимателно промешајте за да се распоредат зачините и зимницата е речиси готова. Следниот чекор е да ја притиснете салатата со поголема чинија, а врз неа ставете нешто тешко. Јас ставив големо шише со вода за да направи притисок одозгора.
Оставете салатата да отстои вака притисната околу 2-3 часа, а потоа повторно вкусете за да проверите дали е доволно солена. По потреба додајте уште малку сол, масло или оцет. Кај мене, не беше доволно солена, па додадов уште 2 супени лажици, но вие ќе си одредите дали недостига некоја состојка.
Зимницата префрлете ја во чисти, стерилизирани тегли, а на крајот распоредете ја и течноста која ја испуштиле доматите при отстојување во садот. Покрај тоа, зимницата се притиска со соодветен потисок за притискање на состојките во теглата (пластична бела мрежичка), а доколку немате, истото може да го постигнете доколку направите „X” со чепкалки за заби.
Теглите затворете ги со соодветен, чист капак и наредете ги во поголемо тенџере со кујнска, памучна крпа под нив. Во тенџерето залијте вода, но да не достигнува до капаците (нешто под нив) и ставете на оган за да се пастеризира на средна температура.
Пастеризацијата трае 40 минути по зовривање на водата, а потоа теглите се вадат и се оставаат да се оладат на собна температура, покриени со ќебе. Потоа се складираат кај другата зимница на темно и суво место. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Ова е вториот рецепт кој исто така е одличен:
(втор рецепт) Многу брза и лесна подготовка, ќе ви требаат само 5 минути да ја подготвите, а ќе ја имате во секое време. Се прави од неколку состојки, има слична киселост како туршијата, но уште поубаво и повкусно. Ќе ви бидат потребни следниве состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг домати или помалку ако користите со стандардна големина. Јас користам од овалната сорта, па затоа ми се 3 кг доволни, 2 главици лук, 1 голема лажица шеќер, 1,5 голема лажица сол, 1 мала лажица алкоxолен оцет.
Ќе ви биде потребна и зовриена вода, за која нема одредено количина, се додава во зависност од големината на теглите. За оваа количина, потребни ми се 2 големи тегли од по 2 литра. Најпрво доматите добро измијте ги и извадете им ја горната дршка (но и не мора).
Со виљушка направете дупчиња на 2-3 места и започнете да ги редите доматите во теглите, сè до врвот. Потоа зовријте околу 2 литри вода и наполнете ги теглите со неа до врвот. Подзатворете ги со капаците но не целосно и оставете доматите да отстојат 15 минути. Користете чисти и здрави тегли, претходно стерилизирани со соодветниот здрав капак кој што доаѓа со нив.
По изминатото време процедете ја водата во чинија или директно во лавабо и фрлете ја. Двете главици лук исчистете ги од лушпата, секое чешне посебно, а потоа изрендајте ги на најситниот дел од рендето или со специјален сечкач за лук, иситнете го секое чешне посебно.
Во секоја тегла додајте по 1 супена лажица шеќер, 1,5 лажица сол. Потоа прелијте ги до врвот со нова врела вода (теглата да стои врз крпа за да не пукне стаклото од врелото или вметнете внатре метален нож или виљушка, па по минута извадете ја). Додајте во секоја тегла по мала лажичка алкоxолен оцет и одозгора распределете го ренданото лукче.
Теглите добро затворете ги со специјален затворач за тегли и ставете ги на памучна крпа со капакот одоздола, превртени. Оставете ги да се оладат преку ноќ, а потоа складирајте ги во оставата на некое темно и суво место. Овие домати имаат рок на траење до 1 година. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.