Прочитајте ги следните два рецепти кои може да си ги направите во било кое време. Јас првиот го направив лани за Божиќ и на сите многу им се допадна и покрај тоа што нема брашно во колачот. Бисквитот е мек и сочен, не е ронлив, како повеќето здрави колачи. Прочитајте го и вториот рецепт за здрав и сочен, чоколаден колач.
Првиот колач содржи 150 калории во 100 грама (1 поголемо парче), а вториот содржи 350 калории во 100 грама. Колачите изобилуваат и со протеини, како и во помала количина со здрави јаглени хидрати и здрави масти. Според вкусот не се разликуваат премногу од другите колачи кои се прават со брашно. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 300 г крем сирење, 100 мл јогурт, 2 јајца, 200 г банани, 75 г путер од кикирики 15 г какао. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 100 г овесни снегулки, 50 г мелени ореви или бадеми, 50 г какао, 1,5 лажичка прашок за печиво, 120 мл обично или бадемово млеко, 100 г јаболков сос, 80 г сируп од урми, 70 мл кокосово масло. ЗА ГЛАЗУРА: 90 г темно чоколадо, 1 лажица кокосово масло.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Овој колач е мек како облак, при печењето станува уште повеќе мек, затоа се пече на тивко. За да го подготвите ќе ви биде потребно еден подлабок сад и рачен миксер/блендер. Во подлабок сад ставете го крем сирењето и одозгора прелијте со јогуртот. Започнете да ја миксирате смесата, додека да се соединат состојките во еднолична смеса.
Скршете ги двете јајца и додајте ги во садот, а бананата излупете ја и исечкајте ја на ситни коцки, па додајте ја во останатите состојки. Ставете го какаото и пастата од кикирики. Измиксајте ги состојките, додека да се формира фина смеса, без грутчиња. Во подмачкан калап со пречник од 16 см излејте ја смесата и израмнете ја со шпатула.
Печете го колачот во претходно загреана рерна на 160 степени, точно 1 час. По печењето, проверете со чепкалка. Оставете колачот да се излади во рерна, па превртете го на рамна чинија и исечете го на триаголници – парчиња, со големина по ваша желба. Декорирајте го колачот по ваша желба.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Oвесните снегулки измелете ги во блендер, па потоа додајте ги оревите/бадемите (може и комбинација) и сѐ заедно изблендирајте. Префрлете ја смесата во еден сад, а во друг посебен сад измешајте го какакото, прашокот за печиво, млекото, сирупот од јаболка и сирупот од урми со кокосовото масло.
Соединете ги прво течните состојки, а потоа додајте ги сувите состојки и измешајте со мелениот овес и мелените јатки. Соединете ја смесата, додека да се формира еднолична смеса со течна конзистентност. Во калап со пречник од 18/20 см излејте ја смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути.
По печењето, направете ја глазурата за колачот и излејте преку превртената, оладена кора во рамен сад. За глазурата да не ви тече по страните, обложете го колачот со флексибилен обрач. Оставете глазурата малку да се стегне во фрижидер, па послужете го колачот на триаголници.
Забелешка: Сирупот од урми обично се продава во продавниците за здрава храна или доброснабдените супермаркети. Доколку не можете да најдете ваков сируп, послужете се со некој друг здрав сируп, како јаворовиот. Може да користите и ароматичен мед со јатки или суво овошје. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.