Плодот на костенот (Castanea sativa L.) има црвенкастокафеава боја и мазна површина. Расте во внатрешноста на боцкавата кора која распукува во есен кога плодот ќе созрее. Костенот е намирница со својствен мирис и благо слаткаст вкус со висока количина скроб.

Дрвото Костен било познато во Кина и Јапонија уште многу поодамна пред да го донесат римските легии во Европа. Печени косени биле продавани на улиците во Рим во 16 век, исто како што се продаваат и кај нас зимно време.

 

КУПУВАЊЕ И ЧУВАЊЕ

При купување на костенот обратете внимание: плодовите треба да бидат големи, сјајни, без дупчиња на лушпата. Кога ќе ги ставите во раката, тежината мора да им одговара на величината, и не смеат да имаат шуплив звук кога ќе ги протресете.

Чувајте ги на студено место до 2 недели. Доколку кај некои костени се појават дупчиња, истребете го костенот и исфрлете ги оштетените плодови за да не ги заразат и останатите.

Иако плодот на костенот е многу хранлив, потешко се дигестира.

Костенот е намирница со висока енергетска вредност. Во 100 грама сиров костен (245 kcal) има:

2 г масти

8,1 г диетални влакна

2 г протеини

45 г јаглехидрати.

Од минералите најзастапени се калиумот, фосфорот и калциумот, а од витамините Ц и Б12. За повеќе информации прочитајте ОВДЕ.

Бидејќи е богат со калиум а сиромашен со натриум, костенот им се препорачува на лица со бубрежни проблеми и кардиоваскуларни заболувања.

Од останатите јаткасти плодови се разликува по нискиот процент на масти, висок процент на скроб (околу 44%) и претставува единствен плод од ваков вид што содржи витамин Ц.

Поради високата застапеност на скробот, од костенот може да се добие брашно кое само или помешано со некое друго житно брашно се користи за правење леб и печива. Брашното од костен кое лесно се дигестира е погодно за исхрана на постари лица и деца.

Печениот или варен костен е омилено и вкусно јадење.

Печениот костен има поголема енергетска вредност, поголема количина белковини, масти, витамини и двојно поголема количина јаглехидрати. Исто така содржи и витамин Е и фитохемикалии кои не се застапени во варениот костен.

Варениот костен содржи поголема количина минерални состојки.

За разлика од питомиот костен, плодот на дивиот костен не се јаде поради изразено горчливиот вкус. Дивиот костен содржи: 40-60% скроб, 8-28% сапонини, околу 9% шеќер, 8-10% белковини, 2,5-7 масло, околу 2% танини, флавонска, кумарински деривати и други состојки.

Исто така, содржи витамини Б1, Ц и К, и малку минерални соли. Се употребува за добивање скроб од кој по пат на хидролизација во шеќер и ферментација, може да се добие алкохол или млечна киселина. Сапонинот издвоен од семето може да користи за перење, нега на косата и изработка на други козметички средства.

Поради лековитите својства (флавониди, кумарини, сапонозиди) се користи во производството на фармацевтски производи- првенствено за лекување на венозни болести, пред се проширени вени, хемороиди, тромбофлебитис и др.

 

ЛЕКОВИТОСТ

Чај од лист од костен (Castaneae folium) во народната медицина се употребува при лекување на голема кашлица, бронхитис, астма и слични тегоби на дишните патишта.

Кората од костенот (Castaneae cortex) и дрвото (Castaneae lignum) се богати со танини (содржат повеќе од 10% танини) па се употребуваат како адстрингенси.

Прочитајте повеќе рецепти за приготвување лекови од див костен-за опуштени вени- ОВДЕ, и за артитис- ОВДЕ.

 

ПОДГОТВУВАЊЕ ЈАДЕЊА СО КОСТЕН

Печените костени на жар на отворено, го будат духот на есента.

Излупениот костен може да се вари, пошира во црвено вино или млеко, или пак да се пропржи на путер за украсување на јадењата. Пирето од костен може да се додаде во супа или сосови кои се послужуваат со дивеч. Воедно, пирето од костен со додаток на шеќер и шлаг се претвора во омилен зимски десерт.

Од костенот се добива и брашно кое се употребува за подготовка на колачи, особено кај италијанците и французите.

 

СЛАТКО ОД КОСТЕН (ЕСЕНСКО СЛАТКО)

1.На костените излупте им ја тврдата лушпа
2.Ставете да се варат во вода околу 20-25 мин.
3.Исчистете ја сега меката лушпа и веднаш ставете ги во ладна вода.
4.Шеќерот и ванилата прелијте ги со вода и ставете да се свари малку поредок шербет, додадете ги костените и варете додека се згусти шербетот – како за секое слатко.

5.Пред самиот крај на варењето додадете го лимонот исечен на кругови и уште кратко време оставете да се  довари.
6.Складирајте во тегли или додека е топло или наједноставно прекријте со влажна крпа и оставете до наредниот ден кога и ќе го соберете.
Уживајте.