3 рецепти за шупливи и меки крофни како памук кои веднаш ќе ги изедете со вашите најблиски. Многу лесно се прават, а вкусот не се споредува со крофните од пекарница. Пробајте ги и ќе бидете воодушевени. Сите три рецепти се проверени и одлични.
I РЕЦЕПТ на Yumama Потребни состојки: 750 г брашно, 100 мл масло, 4 лажици шеќер, 1 јајце, 1 жолчка, 1/2 литар млеко, 1 коцка свеж квасец 40 г, малку сол, шеќер во прав за наросување на крофните, 1 кесичка ванилин, шеќер, масло.
Постапка: Се топи квасецот во 100 мл топло млеко со малку шеќер (околу една лажица, по желба) и малку брашно и се остава да стаса. За тоа време, изматете ги јајцата со остатокот од млекото, шеќерот и додадете малку сол (една лажичка).
Во смесата додадете го активираниот квасец, а потоа полека додавајте го брашното и маслото, мешајќи постојано. Оставете го тестото на топло двапати да стаса (еднаш да го удноу волуменот, малку премесете го, па уште еднаш да стаса), а потоа премесете го на работна површина.
Со оклагија развлечете го во кора со дебелина од 1 цм, па со модла или чаша вадете ги крофните. Оставете ги покриени да стасаат околу половина час, а потоа пржете ги во претходно умерено загреано масло додека да заруменат убаво од двете страни.
Пржените крофни вадете ги во чинија обложена со хартиена салветка за да се впие евентуално вишокот маснотија. Наросете ги со шеќер во прав измешан со 1 кесичка ванилин шеќер. По желба, наполнете ги крофните со џем или крем со помош на шприц.
II РЕЦЕПТ на Coolinarka.com / Потребни состојки: 2 јајца, 300 мл млеко, 100 г маргарин, 20 г квасец, 3 лажици шеќер, 1 лажичка сол, малку рум, рендана кора од лимон, брашно по потреба (650-700 г), масло за пржење, шеќер во прав за поросување.
Постапка: Во малку млако млеко промешајте малку квасец, малку шеќер, малку брашно и оставете го на топло да стаса. Изматете ги јајцата, додадете го шеќерот, солта, стопениот маргарин, останатиот квасец, рум и кора од лимон.
Кога состојките ќе се соединат, додадете неколку лажици брашно, измешајте, истурете малку млеко и така до крајот додавајте наизменично брашно и млеко додека да замесите мазно и меко тесто. Тестото треба да биде еластично и не треба да се кине кога лажицата ќе се повлече нагоре.
Покријте го со крпа и оставете го на топло да стаса. По изминатото време измешајте го уште еднаш, но бидете претпазливи тестото да не се скине и оставете го да стаса уште еднаш. Истресете го тестото на набрашнета работна површина, замесете го и оставете го да одмори околу 15 минути.
Потоа раширете го тестото во кора со дебелина од 1 цм и извадете кругови (задолжително поместете 2-3 мм од крајните рабови) со дијаметар од околу 8 цм. Оставете да стаса 20 минути (по околу 10 минути, превртете од другата страна и оставете уште 10 минути).
Истурете го маслото во длабока тава и загрејте го (маслото не треба да биде премногу топло, бидејќи крофните ќе изгорат). Ставете ги крофните во врелото масло, свртете ги наопаку во однос на тоа како стоеле на работната масата, односно, страната што беше свртена нагоре оди прва да се пржи. Од оваа количина се добиваат околу 30 крофни.
СОВЕТ: Просторијата во која работите треба да биде топла, тестото треба добро да убаво да стаса и без брзање. Маслото за пржење не треба да биде премногу жешко, крофните брзо ќе потемнат и нема да се испржат одвнатре. Потребна е подлабока тава со многу масло за крофните да не го допираат дното и да имаат простор за ”пливање” додека се пржат.
III РЕЦЕПТ на Рецепти за храна. Потребни состојки: 1 кг брашно, 40 г квасец, 300 мл млака вода, 200 мл газирана вода, 100 мл масло, 2 лажици шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, рендана кора од лимон, рендана кора од портокал, 1 лажичка сол, масло за пржење на крофни.
Постапка: Ставете квасец, лажица шеќер и лажица брашно. Добро измешајте со малку вода и оставете квасецот да се активира. Потоа во надојдениот квасец додадете масло, вода, кисела вода, шеќер, рендана кора од лимон и портокал, ванилин шеќер.
Замесете со брашно. Брашното додавајте го малку по малку и додавајте сол. Завршете го месењето и оставете го тестото да се удвои. Потоа развлечете го врз побрашнета работна површина, вадете тркалца со чаша и оставете малку да надојдат, околу 10 минути.
Загрејте го маслото, па крофните спуштајте ги со горната страна свртена кон долу. Поклопете и пржете околу една минута, тргнете го капакот и оставете долната страна да порумени. Свртете на другата страна и пржете. Оставете да порумени. Вадете ги на салветки да се исцедат од маслото, наросете со шеќер во прав и послужете со џем.