Домашни лепињи кои се приготвуваат со 3 состојки за 10 минути, подобри се од пекарница. Уште би сакала да имав од оној црниот сусам или чиа семе за да им наросам одозгора. Многу се вкусни и многу едноставни за правење, ссо неповторлив вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600-700 г брашно, 450 мл вода, 1 голема рамна лажица сув квасец или 1/2 коцка свеж квасец, сол по вкус (околу 1 лажица). И УШТЕ: една белка од јајце за премачкување одозгора, ким, сусам, крупна сол за наросување..




ПОСТАПКА: Најпрво квасецот активирајте вообичаено. Доколку користите сув квасец со добар рок на траење, вообичаено се става директно во брашното непосредно пред замесување, но доколку користите свеж квасец, најдобро би било претходно да го активирате.




Квасецот растворете го во малку млака вода, додајте шеќер и малку брашно, па промешајте да добиете еднолична смеса без грутчиња. Оставете на топло место додека да ферментира и да се запени.




Додајте го остатокот од млаката вода, па со постепено додавање на брашното во кое претходно сте додале една лажичка сол, замесете средно меко тесто. Брашното додавајте го постепено и на почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете го со рака додека да стане мазно.




Тестото оставете го во некој сад покриено со капак или со проѕирна-стреч фолија да стасува во некоја топла просторија околу половина час или додека да го удвои волуменот. Потоа премесете го со малку брашно колку што е доволно за да не лепи.




Поделете го на четири или шест приближно еднакви делови (или повеќе ако правите помали лепињи) и формирајте топчиња. Од секое топче со помош на оклагија правете мали тркалезни кори со дебелина од 1 см или потенки, но не премногу.




Повторно оставете ги околу 30 минути и потоа со помош на тапата страна од ножот правете шари односно мрежички (како шах) врз површината на лепињите. Мрежичките правете ги непосредно пред печење.




Изматете една белка, па со неа премачкајте ги пред печење (кој не сака белка, може и со обично млеко). Загрејте ја рерната на највисоката температура што ја има шпоретот заедно со плехот во кој ќе се печат лепињите, па потоа редете ги лепчињата онолку колку што собира.




Кога ќе ги ставам лепињите, јас го вклучувам вентилаторот со што се зголемува температурата и побрзо се печат, но затоа мора да се внимава да не прегорат. Може да се печат и без вентилатор. Не ви е потребно да го намастувате плехот, ниту да користите хартија за печење. Испечените лепињи завиткајте ги во памучна крпа.