Домашни крофни полнети со чоколадо, печени без капка масло и тоа во рерна, а подеднакво вкусни и воздушести. Нема ништо послатко од домашните крофни, па уште и полнети со чоколадо…




Бидејќи оригиналните крофни се пржат во длабоко масло, многумина започнаа да ја одбегнуваат оваа слатка. Но, ова е еден одличен рецепт со кој крофните ќе можете да ги испечете во рерна, па изглегуваат подеднакво сочни, воздушести и вкусни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце на собна температура, 200 мл млако млеко, 420 г брашно, 1 лажица сув квасец (1 кесичка), 1 лажичка шеќер, 30 мл масло, малку сол, рендана кора од портокал, крем од чоколадо (нутела или некој по ваш избор)/мармалад, кокос за наросување




ПОСТАПКА: Во еден сад растворете го квасецот во млако млеко и шеќер. Убаво промешајте додека да се изедначат состојките. Едно цело јајце изматете го со виљушка, па додајте го во смесата, а потоа додајте и масло и ситно рендана кора од портокал.




Повторно промешајте, па започнете постепено да го додавате брашното и прстофат сол. Мешајте со лажица додека да згусне тестото, а потоа замесете со рака додека да добиете мазно и меко тесто.




Тестото оставете го во сув сад, покријте го со стреч-проѕирна фолија и кујнска крпа, па оставете го да стасува околу еден час на топло место додека убаво да го удвои својот волумен. Стасаното тесто само малку премесете го и поделете го на приближно 9 делови.




Од секој дел формирајте топче, а потоа секое топче откако ќе одмори 10-тина минути развлечете го малку со рака или оклагија. Во средината ставете чоколадо или фил каков што сакате вие (може и густо сварен пудинг), па повторно затворете го во топче.




Вака обликуваните топчиња редете ги во плех обложен со хартија за печење, палку притиснете ги одозгора со дланката,  и оставете ги покриени да стасуваат 20-тина минути. одозгора премачкајте ги со изматена жолчка + 1 лажица млеко.

Потоа вклучете ја рерната да се загрева на 170-180 степени, па во врелата рерна печете ги крофните околу 20-тина минути. Кога ќе се испечат оставете ги да се оладат, па одозгора премачкјате го со џем и наросете ги со кокос. По желба одозгора наросете ги со шеќер во прав. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.