Рецептот за овие превкусни мераклиски еклерчиња го објави нашата драга членка Сашка Игнатова Трајкоска во нашата и ваша група НМД рецепти. Еклерите ми се највкусните слатки и ги правам секогаш кога сум во можност, а овој рецепт ми се покажал за најдобар.

Фото и рецепт: Сашка Игнатова Трајкоска




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл масло, 120 мл вода, 170 г брашно, 1 прашок за печиво и 4 јајца. ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 150 г нишесте, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 120 г путер, 50 г шеќер во прав и чоколадна глазура по желба.




ПОСТАПКА: 250 мл масло и 120 мл вода заедно се ставаат на оган, па кога ќе зоврие, се потргнува од рингла, се додава 170 г брашно помешано со 1 прашок за печиво. Се замесува тестото со дрвена лажица и се остава целосно да се излади.




Потоа, во ладното тесто се додаваат јајцата, но едно по едно. Се мати или се меси со рака додека претходното јајце да се впие во тестото, па потоа се додава следното јајце. Кога сите јајца добро ќе се спојат со тестото, со помош на лажица се оформуваат еклерчињата, се редат на плех обложен со хартија за печење и се остава растојание помеѓу нив.




Се печат во претходно загреана рерна на 170 степени и притоа не се отвора рерната. Пред крај може да се покачи на 180 степени за да заруменат. ЗА ФИЛ: Од литар млеко се одзема 250 мл, а остатокот со шеќерот и ванилата се става на оган да зоврие.




Во одземеното млеко се раствора 150 г нишесте, убаво да нема грутчиња, па во тенок млаз и со постојано мешање се додава во врелото млеко. Се меша додека да згусне и се остава целосно да излади.




На страна пенасто се мати путерот со шеќерот во прав, па се соединува со изладениот крем. Изладените еклери се полнат со изладен фил, а одозгора се полеваат со растопено чоколадо или чоколадна глазура по ваша желба. Во продолжение прочитајте и уште еден рецепт:




Рецептот на овие прекрасни еклери ни го претстави нашата драга членка Изабела Трајковска во нашата и ваша група НМД рецепти. Таа вели дека ги нарекла ,,Пролетни еклери”, бидејќи: ,,Ако не ја почувствувавме оваа пролет околу нас… барем да ги декорираме колачите со веселите убави бои на пролетта…”

Фото и рецепт: Изабела Трајковска




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 125 мл масло, 1 прстофат сол, 1 прстофат шеќер, 150 г брашно, 6 јајца.

ПОСТАПКА: На оган се ставаат да зовријат водата и маслото со прстофат сол и шеќер. Потоа садот се трга на страна и постепено се додава 150 г бело брашно со постојано мешање. Смесата повторно се враќа на оган и се меша за да не загори брашното. Потоа се трга на страна и се остава целосно да се излади.




Во тестото се додаваат едно по едно 6 јајца (се меси сè додека јајцето да се впие и соедини во тестото, па потоа се додава следното јајце). Еклерите можете да ги формирате како што сакате, може со шприц или со лажица. Се ставаат во плех обложен со хартија претходно намастена со маргарин.




Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 25-30 минути. Во текот на печењето и после печењето не се отвора рерната. Се оставаат со исклучена рерна да стојат уште 40-60 минути. Потоа се филуваат.

Фото и рецепт: Изабела Трајковска

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 800 мл млеко, 2 пудинзи од ванила, 7-8 супени лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 100 г маргарин.

ПОСТАПКА: Се вари пудингот според упатството и кога ќе подизлади се додава маргаринот и се меша додека да се растопи и соедини (нема потреба од миксер). Се филуваат еклерите и се декорираат. Јас ги декорирав со шлаг крем и со овошје, со киви и вишни – декорација во боите на пролетта.