ДОМАШНА БАНИЧКА СО СИРЕЊЕ: Децата нестрпливо потскокнуваат в кујна додека се пече…Многу сакаат месено, а омилени им се баничките. Постапката е едноставна и ќе ви ја во откријам во детали. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

700 г брашно
1 лажичка сол
400 мл вода
масло
путер
1 кг сирење
1 лажичка сол
2 лажици гриз (за да ја впие водата од сирењето)
2 јајца

ПОСТАПКА:

Во подлабок сад просејте го брашното и помешајте го со сол. Постепено започнете да додавате вода и мешајте прво со лажица, а потоа замесете со рака.

Кога тестото ќе стане компактно, тоа треба да биде меко и сосем малку лепливо за рака. Истресете го врз набрашнета работна површина и поделете го на три дела.

Од секој дел обликувајте топчиња. Покријте ги и оставете ги да одморат 5 минути. Потоа развлечете ги во кори со големина на плитка чинија, премачкјате ги со масло и ставете по малку маргарин, путер или маст.

Додека кратко одмораат корите, во меѓувреме пригответе го филот. Во сирењето додајте сол по вкус (ако е солено не треба), гриз (ако е младо и влажно сирењето) и јајцата. Промешајте за да се изедначи.

Развлекувањето на корите се прави врз маса покриена со работен чаршав. Полека и внимателно се тегне кората рамномерно од сите страни додека да стане транспарентна. Доколку на краевите има задебелувања, истите отстранете ги.

Целата кора испрскајте ја со масло. Подигнете го чаршавот од едниот крај за да направите мало преклопување со широчина од 4-5 см. На ова место распоредете фил по должина. Истото направете го и на другата страна од кората.

Потоа внимателно преклопете го филот во ролат и со подигање на чаршавот свиткајте до половина на масата, од двете страни. Двата ролати кои ќе ги добиете од една кора пресечете ги надолжно на половина.

Секој од нив пресечете го на три дела, а од секој дел свиткајте полжав. При фаќањето на ролатите за двата краја малку потегнете ги за уште повеќе да се издолжат. Редете ги во плех обложен со хартија за печење.

Постапката повторете ја и со останатите теста. Одозгора премачкајте ги со растопен путер/маргарин/маст и печете ги половина час во добро загреана рерна на 250 степени.

По желба, кога ќе се испечат можете да ги премачкате со масло или раствор од вода и масло (не мора). Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.