Фото и рецепт: Антонија Јукич

Количините што се наведени во рецептот се однесуваат за една доза од која излегуваат околу 12 литри, а тоа најмногу зависи од сочноста на портокалите. Јас овојпат направив двојна доза.

Потребни состојки:

1 кг портокали
500 г моркови
45 г лимонска киселина (јас купувам пакување од 100 г, бидејќи е поисплатливо и често го правам овој сок)
1 кг интегрален или обичен шеќер
2 литри вода за варење и уште
8 литри вода

Постапка:

Ставете да се готви исечканиот портокал, цел заедно со кората, изренданиот или исечканиот морков и лимонската киселина во 2 литри вода. Се вари 45 минути на умерен оган.

Се остава да излади, а потоа целата содржина се микса во блендер. Во 8 литри вода се растопува 1 кг шеќер. Се процедува сокот и се додава во водата. Доколку ја саката пулпата од портокалот, тогаш не мора да се процедува.

Ако користите домашни портокали, тогаш доволно е само да се измијат, но кај нас ретко и тешко се наоѓаат.

Ако користите купечки портокали постапете на следниот начин: потоапете ги 24 часа во солена вода (во водата ставете една рака сол) и 2 лажици сода бикарбона, за да им се извлече горчината и пестицидите.

Кога ќе ги готвите најдобро е да бидат исечкани на коцкички а морковот изрендан или исечкан со сечко.

По желба може да додадете и јабола или праски или кајсии, односно овошје по желба. Како ја зголемувате количината на овошјето, така ги зголемувате според дадениот однос и водата, шеќерот и лимонската киселина.

Фото и рецепт: Антонија Јукич