Позрав драги пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. За љубителите на тестенини, односно на производи од тесто – еве еден сосем нов производ. Ова е некоја комбинација од печиво и пита. Моите домашни просто не можеа да одолеат и се потроши додека трепнеш.
Досега вака вкусни ѓевреци не сум направила, па ќе мора да направам реприза. Затоа не пропуштајте го овој рецепт и пробајте ги ѓевречињата, затоа што имаат неодолив вкус и просто се топат во уста. Поздрав од срце до сите кои ги следат моите рецепти – Валентина Машковиќ.
Потребни состојки: 200 мл вода, 200 мл млеко, 50 мл масло, 40 г квасец, 1 лажица шеќер, 2 лажички сол, 2,5 лажици алкохолен оцет 9% и брашно по потреба околу 750 г. За фил: 400 г блитва и 300 г сирење
Постапка: Во еден подлабок сад ставете по една чаша вода и млеко, една лажица шеќер, 50 мл масло и издробете една коцка квасец. Додадете 1-2 лажици брашно и убаво соединете да нема грутчиња. Оставете 10-тина минути да се активира квасецот, а доколку сте сигурни дека квасецот е добар, продолжете веднаш со постапката.
Додадете уште 3-4 лажици брашно, лажичка сол, 2,5 лажици оцет и мешајте со жица за матење додека да се разбијат грутките, а потоа со постепено додадавање на брашното, со рака замесете средно меко тесто (повеќе кон меко). Мекото тесто истресете го на малку набрашнета површина, а во садот во кој го месевте тестото ставете малку масло.
Тестото формирајте го во топка и вратете го во намастениот сад, па и него малку намастете го. Покријте го со кеса и оставете го да стасува 40-тина минути на собна температура. Стасаното тесто истресете го на набрашнета површина и исечете го на 8 делови од кои ќе формирате топчиња.
Оставете ги топчињата малку да одморат, а во меѓувреме пригответе ја блитвата. Измијте ја и исечкајте ја, па посолете ја со рацете малку изгмечете ја за да омекне. Потоа додадете го сирењето и промешајте. Ако сирењето е суво и тврдо може да додадете малку јогурт и малку масло. Филот оставете го на страна.
Едно по едно топче развлекувајте ги со оклагија со величина на чинија. Премачкувајте една кора со растопен или омекнат путер и преклопете ја со друга кора. Притиснете убаво со дланките за да се соединат.
Потоа премачкајте ја и втората кора, па поклопете ја со трета кора и продолжете ја постапката до крај, до осмата кора. На крај треба да добиете една поголема кора. Префрлете ја врз малку набрашнета површина и развлечете ја во правоаголна кора со дебелина помалку од 1 см.
Долната половина од кората премачкајте ја со филот и преклопете ја со горната половина. Со дланките истапкајте ја кората одозгора и истиснете го вишокот воздух. Истото може и со оклагија да се направи. Потоа исечете ленти со широчина 1,5- 2 см. Лентите малку издолежете ги и спирално виткајте ги како ѓевречиња.
Редете ги во плех обложен со хартија, одозгора премачкајте ги со изматено јајце+малку млеко и наросете со сусам или ленено семе (по желба). Оставете 20-тина минути да стасаат, па ставете ги во загреана рерна да се печат на 200 степени, околу 15-20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: