Подобра од оваа баклава не сме пробале, толку многу е убава, мека и сочна, можам да кажам дека навистина е совршена. Рецептот повеќе не го менувам, а го добив од моја пријателка. Путер, ореви, шербет, без никакви други додатоци гарантираат рај за непцето. А калориите, кога станува збор за баклава, секако – не се бројат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг тенки кори за баклава, 1 кг ореви (половина мелени, половина сечкани), 1.1 кг шеќер кристал, 1.5 литар вода, 300 г путер, малку масло и половина лимон за шербетот




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го шербетот и оставете го добро да се олади (може да го приготвите од претходниот ден). Шеќерот и водата ставете ги да се варат, па кога ќе проврие додајте сок од половина лимон и варете уште 10 минути на средно-умерена температура.




Важно е да не се готви лимонот исечен на тркалца, зашто шербетот ќе добие вкус на варена лимонада. По желба лимоновиот сок може да го додадете и пред самиот крај, во помала количина. Го освежува шербетот, му дава мала цитрусна нота и го штити од шеќердисување.




Во меѓувреме оревите сомелете ги. Во зависност од вашиот вкус можете сите да ги сомелете или пак да ги помешате со ситно сечкани. Во помало тенџерче растопете го путерот на тивок оган и додајте му малку масло (50-100 мл).




Ако се појави пена во текот на топењето, тргнете ја од површината со помош на чиста лажица, а подоцна со истата таа „пена“ можете да ја прелиете готовата пита. Плехот во кој ќе се пече премачкајте го со путер, па наредете 5 кори.




Корите е најдобро да ги исечете според величината на плехот, а секоја да ја премачкате со растопениот путер. Потоа следната кора наросете ја со ореви, па следната премачкјате ја со путер и натаму ја повторувате постапката додека имате материјал.




На крај се завршува со пет кори, секоја поединечно премачкана со путер. Исечете ја баклавата на ромбови, триаголници или коцки, па одозгора прелијте со остатокот од врелиот путер. на овој начин ќе немате потреба од покривање на баклавата.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 250 степени додека малку да зарумени, па потоа намалете ја температурата на 150 или 100, во зависност од силината на вашата рерна и сушете ја уште еден час или час и половина. Штом се појават шуплини помеѓу засеците, значи дека е готова.




Врелата баклава прелијте ја со оладениот шербет. Ако ви се чини дека баклавата не е доволно сочна, или ако впие премногу од шербетот, тогаш дополнително пригответе уште малку од 200 мл вода и 100 г шеќер со неколку капки лимонов сок. Варете неколку минути и врелиот шербет овојпат прелијте го преку ладната баклава. / Сооlinarika.сom