Моите дома не сакаат да јадат многу леб, а кога случајно налетав на овој рецепт за домашно лепче, ми изгледаше многу убаво, па си реков ќе го испробам. На сите многу им се допадна, па оттогаш постојано ме потсетуваат повторно да им го правам. Интересно е тоа што лебот можете да го правите на два начина:




Првиот начин е да го замесите тестото, според постапката која е напишана подолу и кога ќе го формирате тестото, во него да ставите суво грозје. Во тој случај тестото ќе биде неутрално, но ќе има мала слатка нота поради грозјето. Ако го правите тестото солено, во тој случај, ставете помалку шеќер (видете во потребните состојки), а останатото, сè е исто. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 1 чаша цврст јогурт или кисела павлака (250 г), 20 г шеќер или 3 лажици (15 г за солено тесто), 3 г сув квасец (1 мала лажичка), 300 г брашно (2 чаши), 3 г сол, 30 г растопен путер (2 големи лажици), 50 г суво грозје (1/4 шолја – за благо тесто).




ПОСТАПКА: Јајцето и јогуртот треба да бидат претходно отстојани на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на тестото за да може да се активира, а потоа и да ферментира квасецот. Скршете го јајцето во еден подлабок сад и додајте го јогуртот, па шеќерот (помалку за солено тесто).




Фино измешајте ги состојките со помош на шпатула, па додајте го квасецот и постепено започнете да го додавате брашното, додека ги соединувате состојките. Додајте малку сол и растопениот путер и мешајте го формираното тесто со шпатула, додека целиот путер да се апсорбира во мекото тесто.




Нема да добиете класично, компактно тесто, туку ќе се растегнува и ќе биде многу меко, како за теганици на пример. Измешајте го убаво, па садот покријте го со пластична фолија и оставете тестото да стасува 1,5 час. Тајната за мекоста на ова тесто е долгото стасување, затоа бидете трпеливи.




По изминатото време, ферментираното тесто префрлете го на рамна, набрашнета површина и со помош на рацете премесете го со малку брашно, колку да не се лепи и внимателно развлечете го со прстите. На средина ставете го сувото грозје, кое претходно треба да биде отстојано минимум 10 минути во вода/рум/сок за да набубри.




Замесете го сосем малку тестото со нежни движења, додека парчињата суво грозје да навлезат во него (доколку тестото го правите благо, а во обратен случај, пропуштете го овој чекор). Поделете го тестото на 8 еднакви делови и секој дел обликувајте го во топче, кое треба надворешните страни, да ги виткате кон средината, како да диплите.




Вака подготвените топчиња редете ги во калап или огноотпорен сад со димензии 12х22 см. Одозгора лепчињата (топчињата) се покриваат со фолија и се ставаат да стасуваат уште 40-тина минути, додека да нараснат. По изминатото време, топчињата се премачкуваат со разматена жолчка и се ставаат на печење.

Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 22 минути, во зависност од јачината на рерната. Одозгора треба да фатат златна коричка. По печењето, лепчињата се оставаат малку да се оладат, па се послужуваат благи или солени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.