Прекрасни, вкусни, сочни! Пробајте ги, ќе ги обожавате. Потсетуваат малку на „урмашици“, но малку се „полесни“ од нив, бидејќи преливот не се вари, па на ладно место можат да стојат и неколку дена, но секогаш сите се изедуваат во рекордно време.
Навистина овие колачиња се убави и за секој ден, а бидејќи излегуваат доста може да ги приготвувате и за родендени или слави. Ќе ги оцените со 10 особено сите љубители на сочните (шербетни) колачи. Топло ви ги препорачувам да ги направите, ако не сте ги направиле досега.
Потребни состојки: 2 јајца, 1 шолја јогурт, 1 шолја масло, 2 шолји гриз, 2 шолји брашно, 20 г прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – рендана кора и 1 шолја гриз – за валкање на колачите. За прелив: 4 шолји шеќер во прав – 500 г, 4 шолји вода, ½ лимон и 1 ванилин шеќер
Постапка: Се мери со шолја од 200 мл. Изматете ги јајцата пенасто, додајте ванилин шеќер и масло, промешајте, а потоа додајте јогурт и мешајте за да се изедначи смесата. Во друг сад измешајте ги сувите состојки: брашното, гризот и прашокот за печиво, па постепено додавајте и изматете во смесата со јајца, убаво да се соедини и изедначи.
Смесата е ретка ама таква треба да биде, бидејќи со стоење гризот ќе набубри и ќе ја впие течноста. Значи, оставете ја смесата околу половина час на страна. И натаму смесата е мека – пенаста, ама фино се обликува и не се лепи за раце.
Од тестото одвојувајте мали парчиња и обликувајте топчиња кои се валкаат во гриз и се ставаат во намастен плех. Оставете ги да одморат уште малку во плехот пред печењето, околу 15-тина минути. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути додека малку да заруменат.
За прелив: измешајте го шеќерот во прав со водата и промешајте еден ванилин шеќер. Додадете и тркалца од половина лимоб и мешајте додека убаво шеќерот да се растопи и соедини со водата. Не се вари!
Топлите колачиња прелијте ги со сирупот, а со лажица ставајте по малку врз секое колаче околу 2-3 пати. Од оваа количина се добиваат околу 70 колачиња. / vukica / Сооlinarika.com / Прочитајте го и следниот рецепт за ПОСНИ ПАРЕНИ колачи со пиво и гриз – се топат во уста, лапни-голтни / Фотографија и рецепт на Олгица Јосифоска
Рецептот за овие вкусни, сочни колачи ни го претстави нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти. Колачите се парени и посни, одлични за секаква пригода.
Потребни состојки: 250 мл пиво, 250 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 4 лажици гриз и брашно по потреба (нешто помалку од 1 кг). За шербет: 900 г шеќер, 1 литар вода и 1 кесичка ванилин шеќер
Постапка: од сите состојки се замесува меко тесто, а брашно се додава по потреба. Мене од 1 килограм брашно малку ми остана. Количината на брашно всушност зависи од видот на брашното, важно е тестото да не биде тврдо, но да се одвојува од прстите и да може да се обликува, а притоа да не го губи обликот.
Од тестото правете топчиња и ставајте ги на ренде од страната за ситно рендање, па со прстите издолжете го топчето во правец на сечилата за да се формираат „боцките”. На развлеченото тесто по желба можете да ставите ¼ јатка орев, па да го свиткате во ролничка, водејќи сметка да не се нарушат „боцките”.
Вака приготвените колачи редете ги во намастен плех или обложен со хартија за печење, без поголемо растојание помеѓу нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-тина минути, односно додека да добијат убава боја. Во меѓувреме сварете го шербетот.
За шербет: Во тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете на оган, па откако ќе зоврие варете околу 15 минути, за да се формира благ сируп.
По желба можете да додадете лимонов сок и ванилин шеќер. Топлите колачи малку подизладени се прелеваат со топол шербет. / Фотографија и рецепт на Олгица Јосифоска