Ова е старински рецепт, семеен, едноставен и брз за приготвување, па доколку ги сакате јагодите ќе ви се допадне и овој фин џем..
Потребни состојки:
1 кг домашни свежи и здрави јагоди
1 кг шеќер
1 чаша минерална вода
1 лимон – сок
Постапка:
Јагодите добро измијте ги, исчистете ги од ливчиња и гранчиња.
Шеќерот прелијте го со вода, ставете го на оган и сварете го во густ сируп (околу половина час, готов е кога во парчиња “паѓа” од лажицата).
Јагодите полека ставајте ги во сирупот и варете ги на тивок оган, со повремено промешаување, а пред крај додадете сок од еден лимон.
Џемот складирајте го во стаклени тегли, наредете ги во рерна и вклучете на 100 степени, 15 минути. Исклучете ја рерната и оставете постепено да се ладат, па следниот ден затворете ги и чувајте ги на суво, темно и ладно место.
Ова е наједноставниот и најздравиот џем без други додатоци за конзервирање, во него се става само јагоди и шеќер.
Користете само здрави и зрели плодови и правете помали количини, така нема да се уморите, а овошјето ќе ја задржи убавата, природна боја.
Вака приготвениот џем има рок на траење до една година, а потоа ја менува бојата. Кога еднаш ќе ја отворите теглата, потоа чувајте ја во фрижидер.