Овој вкусен џем се приготвува многу брзо, а одлично одговара со палачинки. Се приготвува од само три состојки и тоа многу брзо.Ќе ви претставиме неколку рецепти, а вие одберете го оној кој најмногу ви одговара. Сите се проверени и одлични.

I РЕЦЕПТ – ЏЕМ ОД ЈАГОДИ ЗА 5 МИНУТИ ОД 3 СОСТОЈКИ

Потребни состојки: 1250 г јагоди, 500 г шеќер и 1 кесичка џемфикс екстра

Постапка: јагодите измијте ги и исчистете ги, па потоа исечкајте ги. Јас ги исечкав на сечко, а вие можете исто или на даска, како сакате. Исечканите јагоди ставете ги во поголемо тенџере на оган.

Џемфиксот измешајте го со две лажици шеќер и додајте го во јагодите. Мешајте додека да проврие смесата, а тогаш додајте го целиот шеќер и варете уште две минути. Мешајте цело време.

Џемот е готов. Топол складирајте го во топли стерилизирани тегли (во рерна на 80-100 степени околу еден час), добро затворете ги со капак и превртете ги наопаку за да се вакумираат.

II РЕЦЕПТ: Џем од јагоди кој се приготвува за само 10 минути! Нема потреба да го фалам вкусот, пробајте и уверете се! Се приготвува навистина многу брзо, го сакаат и децата и возрасните, а најмногу го користиме за палачинки.

Потребни состојки: 700 г јагоди, 150 г шеќер, 1,5 лажица сок од лимон и 2 лажички екстракт од ванила

Постапка: јагодите измијте ги и отстранете ги петелките, па исечете ги на парчиња со средна величина, да не се премногу ситни. Јагодите ставете ги во шерпа и додадете шеќер.

Поклопете со капак и почекајте да зоврие. Промешајте неколку пати и почекајте да се создаде бела пена која ќе ја отстраните со лажица. Варете ги јагодите не подолго од десет минути, сметајќи го времето од кога започнале да вријат.

Последните две минути од варењето додадете малку сок од лимон и промешајте. Може да додадете и екстракт од ванила, по желба. Добиениот џем складирајте го во стаклени теглички и чувајте го во фрижидер откако ќе излади на собна температура. Рок на траење има околу две седмици.

III РЕЦЕПТ – Џем со јагоди и лимон: семеен рецепт, едноставен и брз. Ова е старински рецепт, семеен, едноставен и брз за приготвување, па доколку ги сакате јагодите ќе ви се допадне и овој фин џем..

Потребни состојки: 1 кг домашни свежи и здрави јагоди, 1 кг шеќер, 1 чаша минерална вода и 1 лимон – сок

Постапка: јагодите добро измијте ги, исчистете ги од ливчиња и гранчиња. Шеќерот прелијте го со вода, ставете го на оган и сварете го во густ сируп (околу половина час, готов е кога во парчиња „паѓа” од лажицата).

Јагодите полека ставајте ги во сирупот и варете ги на тивок оган, со повремено промешување, а пред крај додајте сок од еден лимон. Џемот складирајте го во стаклени тегли, наредете ги во рерна и вклучете на 100 степени, 15 минути.

Исклучете ја рерната и оставете постепено да се ладат, па следниот ден затворете ги и чувајте ги на суво, темно и ладно место. Ова е наједноставниот и најздравиот џем без други додатоци за конзервирање, во него се става само јагоди и шеќер.

Користете само здрави и зрели плодови и правете помали количини, така нема да се уморите, а овошјето ќе ја задржи убавата, природна боја. Вака приготвениот џем има рок на траење до една година, а потоа ја менува бојата. Кога еднаш ќе ја отворите теглата, потоа чувајте ја во фрижидер..