Оризот е еден од најевтините и најздрави намирници наменет за подготовка на главни јадења или прилози. Во продолжение може да прочитате еден одличен рецепт за многу вкусен ориз – карбонара рижото кое е многу кремасто. Главните состојки се оризот, сланината, кашкавалот/пармезанот и јајцата. Јадењето е готово за 20-тина минути, а вкусот е неверојатен.




Откога случајно го дознав овој рецепт и за првпат им го направив на децата, постојано ми го бараат и ми велат дека ова е најубавиот ориз што го пробале. Оттогаш го правам постојано и го послужувам како главно јадење или како прилог. За овој вид јадење најдобро е да користите aрборио ориз. Арборио е најпопуларниот ориз со кратко зрно за правење рижото. Зрната имаат способност да апсорбираат големи количини течност каде се добива релативно кремасто рижото со одлична текстура. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г сланина на коцки, 300 г ориз, 1 литар вода со 1 коцка од зеленчук/пилешка, ½ чаша бело вино (опционално), 4 лажици кашкавал/пармезан, ½ главица кромид, 50 г путер, 3 јајца (2 жолчки + 1 цело јајце), сол и црн пипер колку што е потребно, маслиново масло по потреба.




ПОСТАПКА: Користете некоја убава сланина на вкус. Прво отстранете ја кожата и рскавицата, па исечете ја сланината на тенки ленти, така што секоја лента ќе има наизменични слоеви месо и маст. Потоа, секоја лента, пресечете ја на неколку пати, на помали коцки. Ставете ја сланината во едно тавче и гответе на ниска температура, без масло, додека да стане крцкава.




Сланината е потребно да ја пржите 5-7 минути додека да заруменат сите парчиња. Потоа тргнете го тавчето настрана и зачувајте го и маслото кое го испуштила сланината, за подоцна. Во друго или истото тавче ставете малку маслиново масло на рингла да се загрее. Кромидот исечкајте го на многу ситни коцки, па ставете го во тавчето и гответе го додека да се карамелизира, со повремено промешување.




Во карамелизираниот кромид додајте го оризот. Со константно мешање гответе околу 2 минути на ниска температура, за да не загори. Додајте половина чаша бело вино. Јас обично ја прескокнувам оваа состојка, но во оригиналниот рецепт за карбонара рижото, се става и вино.

Следете го времето за готвење на упатствата на кесичката од оризот од моментот на додавање на виното, а ако го прескокнете како мене, преминете на додавања на топлата вода со коцка за супа.




Јас обично оризот го варам околу 16 минути. Кога ќе забележам дека течноста почнала да испарува долевам од водата која претходно ја направив од 1 литар врела вода и 1 пилешка коцка за супа или коцка со зеленчук. Супата се додава постепено, односно по малку и со повремено мешање. Оризот не треба да биде сув, туку постојано сите зрна да останат хидрирани. Ако додадете вино како во оригиналниот рецепт, кога ќе почне да испарува, се започнува со постепено преливање на супата.




По потреба се излева по малку од водата, бидејќи 1 литар е премногу, јас обично користам околу 600 мл. По конзистентноста ќе знаете кога оризот е доволно сварен. Доколку правите поголема количина на ориз, можеби ќе ја искористите и целата количина.

Кога ќе истече времето на готвење на оризот, зачинете со црн пипер кој дава неверојатен вкус, посолете, па додајте го ренданиот кашкавал/пармезан и една коцка путер. Соединете додека смесата да стане хомогена и путерот и пармезанот да се растопат.




ЗА СОСОТ: Издвојте две белки од жолчки. Изматете ги жолчките и во нив ставете 1 цело јајце и соединете со виљушка. Додајте малку сол и црн пипер, па потоа постепено додавајте го пармезанот, додека смесата да стане густа.

Во сосот додајте малку од маслото од пржената сланина и измешајте. Во сварениот ориз излејте го сосот и измешајте енергично додека да се распореди подеднакво. Тргнете го тавчето од рингла и по желба додајте уште малку пармезан или кашкавал.

На крајот, одозгора се декорира со пржената сланина. Ова јадење може да се послужи како прилог со месо или како главно јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.