Ова е едно од оние фини, солени печива полнето со сирење. За посна верзија филувајте го со пржен кромид и ситно сечкан или рендан компир. Јас го сечев на два дела, а може и на повеќе делови, ако сакате да добиете повеќе мини печива како ситни залчиња. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млака вода, 1 коцка свеж квасец (40 г) или 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 супена лажица шеќер, 850 г брашно (или по потреба), 50 мл масло, 1 супена лажица сол, 500 г ситно сирење, 200 г путер или маргарин за премачкување на тестото, 1 јајце и разно семе/семки за декорација




ПОСТАПКА: Во длабок сад за месење сипете ја топлата вода, додајте го изронетиот квасец и една супена лажица шеќер, па промешајте сето да се раствори и оставете покриено на топло место за да се активира квасецот и запени, 5-10 минути. Потоа додајте половина од вкупната количина брашно и промешајте со лажица.




Додајте сол и масло, па започнете постепено да го додавате остатокот од брашното до 800 г, додека непрекинато мешате за да се впие во течноста (преостанатите 50 г брашно се користат за набрашнување на работната површина и домесување, да не лепи за раце). Кога ќе добиете меко, но компактно тесто истресете го на работна површина и доработете го.




Тестото поделете го на 4 еднакви дела и од секој дел со помош на малку брашно (за да не лепи) обликувајте топчиња. Топчињата наредете ги врз набрашнета површина, посипете ги малку одозгора со брашно и покријте ги со крпа, па оставете ги да стасуваат на собна температура 30-60 минути додека да ја удвојат големината.




По изминатото време, растопете го путерот но да не е премногу врел, туку половично растопен и мек за да може да се размачкува врз тестото. Со помош на оклагија сите теста развлечете ги во кружни кори со големина на плитка чинија (20-30 см), а последната развлечете ја нешто поголема од другите.




Врз првиот круг нанесете четвртина од путерот и четвртина од ситното сирење. Преклопете со втортата кора, малку развлечете ја до краевите на долната кора и спојте ги краевите за да се затвори филот. Повторете ја постапката, т.е.премачкајте ја со путер и сипете сирење, па преклопете со втората кора.




Со секое следно преклопување на корите малку повлекувајте ги аглите за да добиете четириаглеста форма и нежно притиснете со дланките за уште повеќе да се развлече. Кога ќе ја преклопите и четвртата кора, наросете брашно и набрашнете ја оклагијата, па развлечете поголем правоаголник.




На едната половина (надолжно) премачкјате го остатокот од путерот и наросете го остатокот од сирењето. Со другата половина преклопете го тестото, малку со рацете израмнете и притиснете за сето убаво да се залепи, па со оклагијата повторно развлечете лево-десно за уште повеќе да се истенчи. Сечете ленти со широчина од 2-3 см.




Секоја лента фатете ја со прстите за двата краја и нежно увртете ја, секоја страна контра од спротивната, па редете во намастен плех. Вака приготвената пита од увртени ленти покријте ја и оставете ја да стасува половина час за да го удвои волуменот. Потоа пресечете ја на половина или на повеќе делови ако сакате мини печива.

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, па премачкјате ја питата со изматено јајце и наросете ја со сусам, ленено семе или семки по желба. Печете ја 25-30 минути или додека убаво да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.