Ако ги сакате брзите рецепти кои се практични, многу лесни и со кои ќе извалкате само еден сад, тогаш запишете си го овој рецепт зашто ќе го обожавате. Се приготвува од состојки кои веќе ги имате в кујна, а има неодолив мирис, мек е како памук, па дури има и сочна нота поради која брзо се изедува сиот.




Овој колач сигурно ќе го правите секој ден. Може да го искористите и како основа за некоја торта во комбинација со некој лесен, освежителен фил, а можете и едноставно само да го наросите со кокос одозгора и да го послужите со кафе. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 крупни јајца, 150 г шеќер, 1 прстофат сол (четвртина мала лажичка), 120 мл масло за готвење, 150 мл сок од портокал (може свежо исцеден, а може и од тетрапак), ситно рендана кора од портокал, 230 г брашно, 15 г прашок за печиво, малку џем за премачкување и малку кокосово брашно за наросување




ПОСТАПКА: портокалот добро измијте го и оставете го да отстои во солена вода или во вода со една лажица сода бикарбона. После 30-40 минути добро истријте ја кората на портокалот и исплакнете со ладна вода. Потоа избришете го портокалот и изрендајте ја површинската портокалова кора на ситно ренде.




Исцедете го сокот од портокалот. Треба да добиете 150 мл свеж сок од портокал, но може и да искористите и сок од тетрапак. Во подлабок сад скршете три крупни јајца кои претходно отстојале еден час на собна температура.

Додајте прстофат сол и изматете со кујнска жица маталка додека да се разбијат јајцата. Потоа додајте 150 г шеќер и продолжете со матење додека шеќерот да се растопи. Додајте 120 мл масло за готвење и 150 мл сок од портокал и изедначете.




Откако добро ќе се изедначат влажните состојки, во мешавината започнете постепено да го додавате просеаното брашно. Додајте го во два-три наврати или малку по малку за да може полесно да се измеша и да не останат грутчиња во смесата.




Кога брашното целосно ќе се соедини, додајте ја ситно ренданата кора од портокал, промешајте и на крај додајте една ипол кесичка прашок за печиво (15 г), просеано, па повторно промешајте за да се изедначи. Треба да добиете хомогена, густа и полутечна смеса.




Помал калап со димензии 18х27 см или приближно (најдобро со флексибилен обрач) обложете го со хартија за печење или намастете го и испрскајте го брашно. Излејте ја смесата, распоредете рамномерно и неколкупати потчукнете го калапот за да излезат евентуалните меурчиња.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути. Печениот колач оставете малку да се подизлади, а потоа остранете го обрачот, премачкјате го во тенок слој со џем од кајсии (или како имате, може и со течен мед), наросете го со кокосово брашно, па послужете го. Деталите погледнете ги ОВДЕ.