Ова е еден многу вкусен колач кој не бара печење, ниту долго готвење. Сѐ што треба да направите е да ја приготвите смесата од бисквити и млеко, а потоа да наредите неколку бисквити и да филувате. На крајот, колачот се декорира со тенок, но многу вкусен слој од чоколадо и тостирани кикирики. Испробајте го овој рецепт кој нема да ве разочара. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г бисквити, 120 г шеќер, 250 мл млеко, 10 г ванилин шеќер, 150 г путер, 60 г какао во прав. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 10 г масло, 60 г кикирики.
ПОСТАПКА: Подгответе си калап со флексибилен обрач со димензии 15х20 см (може да користите слични димензии). Прво подгответе го кремот кој е потребно да се олади пред да започнете со редење на колачот. Во едно помало тенџере сипете 1 чаша млеко, додајте 120 г шеќер и 10 г ванилин шеќер.
Промешајте кратко со маталка за да се растопи шеќерот, па ставете го тенџерето на рингла, која треба да биде вклучена на средна температура. Кога млекото ќе почне да се загрева додајте 60 г какао во прав и енергично измешајте со маталката за да се разредат формираните грутчиња.
Кога млекото ќе почне да врие, ќе забележите дека кремот започнал да се згуснува. Започнете со константно мешање додека да ја добиете посакуваната густина. Потоа, тргнете го чоколадниот крем настрана и додајте 150 г путер. Измешајте додека путерот да се растопи во кремот.
Тргнете го кремот настрана да се олади кратко, а за тоа време подгответе ги бисквитите. Од вкупната количина 600 г бисквити, тргнете настрана 100 г, а останатите 500 г ставете ги во еден подлабок сад. Скршете ги бисквитите со рака на средни парчиња, не ги кршете многу ситно.
Потоа, пренесете ги бисквитите во обична или зип кеса, затворете и со оклагија поминете ги неколку пати со благ притисок (не треба да се сомелат). Потребно е некои парчиња да останат покрупни, а некои да се помали, така што колачот ќе добие декоративен и разновиден изглед.
Вака подготвените бисквити вратете ги во садот каде што ги кршевте и прелијте ги со чоколадниот крем. Измешајте додека да се формира густа смеса, односно додека бисквитите да го впијат кремот. Поделете ја смесата на половина.
За калап со овие димензии ќе ви бидат потребни 9 бисквити во еден ред, а тортата се состои од два реда бисквити (преостанатите 100 г). Како основа излејте ја половина од првата половина од смесата и добро израмнете и распоредете, така што површината ќе се израмни.
Одозгора наредете прв ред бисквити, кои нема потреба да ги натопувате во млеко. Потоа излејте ја втората половина од чоколадната смеса и повторно израмнете. Наредете го вториот ред бисквити и благо притиснете со прстите врз бисквитите.
За глазура: Чоколадото исечкајте го ситно, а кикириките претходно истостирајте ги кратко и исечете ги стино. Растопете го чоколадото со малку масло во микробранова печка или на пареа. Потоа додајте ситно и крупно сечкани кикирики или јатки по ваш избор, промешајте и глазурата излејте ја врз бисквитите.
Распоредете рамномерно и израмнете. Колачот оставете го во фрижидер најмалку еден час за да се стегне, а потоа отстранете го обрачот (или фолијата) и послужете на парчиња со големина по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.