Овој рецепт го открив кога еднаш случајно ми беа останати вишок варени компири, а некогаш го користам и пирето кое ќе остане од ручекот. Но, верувајте толку многу се вкусни овие мали крокети, што редовно варам компир за да ги направам специјално. Рецептот е многу лесен и едноставен, евтин е, а состојките сите ги имаме во кујна.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 поголеми сварени компири, по вкус сол, црн пипер, црвена зачинска пиперка во прав, 2 супени лажици скроб/нишесте/густин и малку сув магдонос (1 лажичка). ЗА ПОХУВАЊЕ: 1 јајце, лебни трошки/презла, 1 лажица ситно рендан пармезан за вкус и малку сув магдонос.
ПОСТАПКА: Компирите сварете ги во лушпа, а потоа излупете ги и исечкајте ги на коцки, па испасирајте ги со помош на виљушка или преса. Посолете и зачинете со црн и црвен пипер по вкус, па додајте и малку сув магдонос.
Добро промешајте за рамномерно да се распоредат зачините. Потоа додајте две супени лажици скроб/нишесте, па откако добро ќе промешате, смесата замесете ја со рака, треба да добиете убаво компактно „тесто“ кое лесно се обликува со рака.
Тестото поделете го на пет еднакви делови, а потоа секој дел со помош на дланките ролајте го додека да добиете валјак со дебелина на прст (како виршли). Потоа, секој од нив одозгора притиснете го во вилјушката, образувајќи шари.
На тој начин валјачињата малку ќе се сплеснат. Сечете ги на парчиња (обележани со вилјушката), а потоа пригответе ги состојките за похување. Во еден сад скршете јајце и изматете го со вилјушка.
Во друг сад измешајте лебни трошки со ситно изрендан пармезан и додајте сув магдонос. Потоа секое котлетче прво добро натопете го помагајќи се со вилјушка, а потоа во мешавината од лебни трошки.
Вака подготвените котлети пржете ги на умерено загреано масло, додека убаво да зарумени од двете страни. Најдобро е при пржењето да се превртат неколку пати додека да ја постигнат посакуваната боја. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.