Мајка ми порано често ни подготвуваше домашен леб, а од остатокот од тестото, тоа што ќе останеше, знаеше да ги подготви овие мекици. Мекиците се неодолив појадок и во сите краишта на Македонија, се нарекуваат различно.

Ние децата ги нарекувавме „круговите на мама“, а баба ми пак, ги нарекуваше „уштипци“, а подоцна научив дека всушност, кога од тестото се црпи со лажица и се спушта во масло, тогаш се нарекуваат „уштипци“. Јас сепак, ги нарекувам „мекици“, зашто се меки како душа.




За нив е интересно што може да ги јадете во солена варијанта со сирење, ајвар, некој намаз, лутеница…, или во слатка варијанта со домашен џем. Овој рецепт е без млеко и јајца, од само неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот. Додека ги подготвувате, ќе yживате во нивниот привлечен мирис.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 650-700 г брашно (во зависност од тоа колку сакате да замесите), 500 мл млака вода, 1 лажичка шеќер, 3-4 лажици масло, 8 г сув квасец или 15-20 г свеж, 1 ½ лажичка сол, масло за пржење.




ПОСТАПКА: Обично за повеќето мекици потребно е состојките да бидат на собна температура, а ова особено важи за јајцата, млекото и јогуртот, кои треба да се вадат од фрижидер минимум 1 час пред подготовката на мекиците, но во овој случај, не треба ништо од тоа да правите, освен да имате 500 мл чиста вода на собна температура.




Во подлабок сад ставете го квасецот (сув или свеж), мене ми излезе околу 2 лажички сув квасец. Одозгора прелијте со 250 мл млака вода, додајте 1 лажичка шеќер и неколку лажици брашно. Оставете 10-тина минути на топло место без провев за да се активира квасецот и да запени.




Во надојдениот квасец додајте го остатокот од водата (250 мл) и потоа истурајте го постепено брашното. Некаде помеѓу додавање на брашното, ставете 3 лажици масло и 1 1/2 лажичка сол. Тестото мешајте го со дрвена лажица, додека да добиете смеса нешто погуста од онаа за уштипци.




Тестото треба да биде ретко и нецелосно, па дури и лепливо (погледнете ја конзистентноста на видеото подолу). На крајот, само малку со рака замесете го тестото за да се уверите дека сите состојки се подеднакво распоредени и дека нема грутчиња од брашното.




Покријте го тестото со кеса или проѕирна-стреч фолија и оставете да нарасне само еднаш, а потоа се започнува со пржење на мекиците. За пржење е доволно 300 мл масло, кое треба да ставите да се загрее во подлабоко тенџере на рингла.




Пред формирање на мекиците, кои инаку се развлекуваат со рака, ставете ги рацете во вода и потоа кинете од тестото кое треба да го формирате во тенок круг. За овој рецепт е интересно тоа што ниедна мекица не е иста на претходната, ниту на следната, сите се слични, но сепак различни.

Вака подготвените теста во форма на круг се пржат во маслото од двете страни додека да станат пуфкасти и да заруменат и добијат златна боја од двете страни. Мекиците како што ги вадите од пржење, редете ги на чинија со салфетка. Се јадат топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.