Професорот на универзитетот Колумбија во Њујорк, Гораз Росоклија, го прокоментира германскиот доктор, кој деновиве се споделува на социјалните мрежи:
,,Pavlina Josifovski. Што е тоа што го кажува? Дека европските и американските лекари, лекуваат пациенти инфицирани од корона, со имуносупресиви? Тоа само луд лекар го прави, а еден објавен случај, текот на болеста и терапијата, не значи протокол за сите случаи.
Кој доктор лекува според протокол кој го убива пациентот? И така илјадници пациенти умираат, а докторот се држи кон протоколот на лекување? Ви звучи логично, ви звучи можно?
Или овој доктор знае повеќе од другите, од илјадници доктори на сите континенти? Аргумент му е, дека во моментот кога го дава интервјуто, во неговата болница 20 кревети за интензивна нега се празни?
Дали се и денеска празни кога Данска моли своите болни да ги префрли во северните германски болници, а Германија ги полни со свои болни и засега не се согласува? Не треба да си лекар да сфатиш две работи.
Заразата се шири побргу од било која друга и ги преоптеретува болничките капацитети, па докторите одлучуваат кому ќе дадат шанса да живее, кому не. Второ, смртноста од короната кај оние 20% што манифестираат клиничка слика се движи од 4% до 10% , споредено со смртноста од обичен грип кај истата група, која е 0.1%.
Да се вратам на најапсурдното во ова интервују, луѓето умираат од погрешна терапија со која докторите во Италија, Шпанија, Франција, САД ги убиваат заради придржување кон даден протокол на лекување? Кој го дал протоколот за короната??
Ваквите изјави од медицински авторитети, создаваат атмосфера на опуштеност и невнимавање, како и непочитување на мерките со кои илјадници ќе се заштитат. Во Америка се очекува 200.000 луѓе да починат од корона, доколку ги спазуваме мерките на претпазливост. Ако не ги спазуваме, 2.500.000.
Вчера умреа шпанската принцеза, еден американски мултимијардер, неколку личности од светот на уметноста, заедно со други 2000 кои се само бројки во медиумите. Во болеста од која се умира затоа што немаме лек, сите сме изедначени. На крај, секој одлучува за себе, но сите ние имаме и општествена одговорност кон другите.
Ова е момент кога е подобро да реагираме со пренагласена претпазливост, отколку да го потцениме вирусот. Кога ќе мине опасноста, ќе анализираме дали мерките биле претерани или недоволни.”