Сочниот колач „Трилече” со право стана толку многу попyларен, бидејќи кога еднаш ќе се вкуси, верувајте дека ќе сакате да го подготвувате колку што е можно почесто. Овој колач името го добил по трите млека кои се користат за подготовка на преливот.

Овој колач потекнува од Јужна Америка, ама најмногу го поврзуваат со Турција и Албанија. Верoјатно на многумина им е добро познат овој десерт, но овојпат испробајте го со поинаков начин на подготовка.

„Кога првпат го пробав овој колач, за мене беше десерт со досега единствен вкус и не наликува на ниеден друг колач. Едноставно е единствен по сочноста од млечната мешавина и убавиот шмек од преливот од карамела.“ Пробајте ја и вие новата чоколадна верзија на овој колач, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 100 г шеќер, 160 г брашно, 40 г какао, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 5 г сода бикарбона и 1 прстофат сол. За прелив: 200 мл слатка павлака, 1 литар млеко, 150 г млеко во прав, 100 г шеќер, 80 г какао и 50 г чоколадо. За глазура: 300 мл слатка павлака и 150 г чоколадо

ПОСТАПКА: Плехот со средна величина (38х22 см) намастете го со малку масло и обложете го со хартија за печење. Одвојте ги белките од жолчките во различни садови. Во белките додајте прстофат сол и измиксајте ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот.




Изматете добро додека да се растопи шеќерот, а шамот стане доволно цврст (кога ќе го превртите садот да не паѓа). Потоа додавајте една по една жолчка додека непрекинато матите со миксерот. Во друг сад просејте го брашното, какаото, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и сода бикарбоната. Убаво промешајте ги сите состојки за да се соединат.




Потоа, сувите состојки постепено додавајте ги во изматените јајца и полека мешајте со лажица или шпатула, внимателно превртувајќи ја смесата за да остане пенлива и воздушеста. Изедначеното тесто излејте го во претходно подготвениот плех и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути.




Проверете со чепкалка дали е печен колачот и извадете го на решетка за да озлади (решетката ставете ја врз плехот, па заедно превртете ги. Потоа внимателно отстранете ја хартијата за печење). За прелив: загрејте еден литар млеко на оган и додајте 100 г шеќер.




Промешајте за да се растопи, па со постепено матење со жица додавајте го какаото и исклучете го огнот за да не ви загори млекото. Потоа додајте го млекото во прав и уште еднаш убаво промешајте. Додека е сè уште топло, додајте го чоколадото искршено на коцки, почекајте 30 секунди за да се растопи, па повторно промешајте.




На крај додајте ја слатката павлака, промешајте и оставете да излади. Од изладениот прелив ставете неколку кутлачи во плехот каде се печеше колачот. Потоа вратете го изладениот колач и постепено, рамномерно натопете го со остатокот од преливот.




За глазура: Ставете 300 мл слатка павлака на оган да се загрее. Со загреаната павлака (внимавајте да не зоврие) прелијте го чоколадото искршено на коцки и мешајте за да се растопи и соедини. Оставете го 15 минути во фрижидер да излади.




После 15 минути промешајте го, па вратете го уште еднаш, за да згусне убаво како крем, уште 15 минути. Потоа убаво изматете го со миксер и нанесете го рамномерно врз трилечето. Целиот колач изладете го убаво пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ.