Оваа чоколадна торта со пишкоти е наменета за сите оние кои сакаат многу богат крем. Тортата е чоколадна, а постапката за приготвување е многу едноставна, па така, ќе им се допадне и на сите оние кои имаат недостаток на време, а сепак сакаат да се засладат со нешто вкусно и домашно.




Оваа торта можете да ја правите и со додавање на некои свои омилени состојки, бидејќи рецептот е флексибилен и подложен на промени кои секој може да ги прилагодува по сопствен вкус. Еве што ви е потребно за оваа чоколадна торта набрзинка:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар слатка павлака (млечна или растителна по ваш избор), 400 г темно чоколадо (вкусот на чоколадото е доминантен во кремот, па одберете некое чоколадо кое вам најмногу ви се допаѓа), 160 г млечно чоколадо, 4 пакувања пишкоти, 2 кесички шлаг крем со вкус на чоколадо (120 г) и малку млеко за натопување на пишкотите




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете еден литар слатка павлака која може да биде млечна или растителна, но јас препорачувам млечна. Исто така, треба да биде засладена, а доколку не е, тогаш додајте и 200 г шеќер во прав.




Ставете на оган да се загрее на умерена температура. Треба да биде врела, но не смее да проврие бидејќи ќе го промени вкусот и нема да биде така убава. Додека се загрева слатката павлака, во еден подлабок сад искршете на коцки 160 г млечно чоколадо и 400 г темно чоколадо.




Со топлата слатка павлака прелијте го чоколадото, па полека промешајте со шпатула или жица – маталка додека убаво да се растопи и соедини со павлаката. На крај треба да добиете убава течна чоколадна смеса со средна густина.




Чоколадната смеса оставете ја да се олади најпрво на собна температура, а потоа неколку часови фрижидер, а најдобро би било преку цела ноќ, па следниот ден да ја филувате тортата. Овој крем во добро затворен сад може да седи во фрижидер и неколку денови, па по потреба да го користите и за само една минута да направите десерт.




Ако многу ви се брза, тогаш еден час ладете го кремот на собна температура, еден час во обичен фрижидер и еден час во замрзнувач. За тоа време кремот ќе згусне како пудинг. Потоа изматете со миксер.




Матете неколку минути, а потоа во смесата додајте 120 г шлаг во прав со вкус на чоколадо (2 кесички), па продолжете со матење додека да добиете густ крем кој може да се мачка. Овој крем е база и како таков е многу вкусен, но по желба може да додавате мелени лешници, ореви, банани или нешто по ваш избор.




Подгответе го плехот/калапот со приближни димензии 30х20 см и обложете го со фолија. Четири пакувања пишкоти треба да се наредат во три реда, па според нивните димензии одберете и соодветен калап.

Пишкотите може да бидат подебели и потенки (оние кои се малку потесни во средината). Во еден сад ставете млеко (обично или чоколадно) во кое може да додадете малку рум или нескафе по желба.




Секоја пишкота кратко натопувајте ја во млекото, па редете ја дното од калапот. Оние подебелите натопувајте ги малку повеќе за разлика од потенките. Преку пишкотите нанесете фил, израмнете, па наредете втор слој пишкоти, повторно фил и последниот ред пишкоти.

Оставете малку фил во фрижидер за подоцна да се премачка целата торта. Изладете ја неколку часови во фрижидер, па превртете ја врз тацна и премачкјате ја со остатокот до филот. Декорирајте по желба. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.