Оваа торта кога еднаш ќе ја вкусите – ќе ви стане хит! Лесно и едноставно се приготвува, а вкусот е неодолив. Под пишаниот рецепт можете да го погледнете и видеото со деталите од постапката.
Потребни состојки: 100 г црно чоколадо, 85 г путер, 6 г какао, 100 г шеќер, 6 јајца, 1 прстофат сол. Тортата се пече 10-12 минути на 180 степени, а се приготвува во плех со димензии 40х30 см или приближно.
За крем: 130 г црно чоколадо, 75 г млеко, 10 г кафе, 300 г слатка павлака, 25 г шеќер.
Постапка: Исечканиот путер на собна температура заедно со црното чоколадо растопете го на пареа или во микробранова печка. (Во видеото се користи сад со топла вода на 60 степени).
Откако ќе се растопат путерот и чоколадото промешајте ги за да се изедначи смесата. Од јајцата одвојте ги посебно белките и жолчките. Во жолчките додадете 20 г шеќер и 6 г какао во прав (околу една лажица), па изматете со миксер убаво да згусне.
Во смесата со жолчки додадете го растопеното чоколадо со путер, па повторно измиксајте до изедначување. Во белките додадете прстофат сол (1 г сол), па изматете додека да добиете пена. Потоа започнете да додавате шеќер, вкупно 80 г, на трипати.
На тој начин полесно ќе се изматат белките и шеќерот ќе се растопи целосно. Кога ќе добиете убав цврст снег од белки, една третина од него додадете во смесата од жолчки и промешајте внимателно со жица или шпатула.
Постепено додадете го и остатокот од снегот од белки, а кога ќе го соединувате со претходната смеса внимавајте да остане воздушеста. Добиената смеса распоредете ја во плех обложен со хартија и израмнете. Протресете го плехот и неколку пати потчукнете го од масата за да излезат воздушните меурчиња.
Потоа ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 10-12 минути. Печената кора оставете ја да излади, па отстранете ја хартијата и пресечете ја на три дела (да добиете три кори).
Во едно тенџере ставете 10 г кафе во зрно и 75 г млеко. Загрејте на умерен оган додека да зоврие, а потоа исклучете го огнот, поклопете го тенџерето и оставете да излади млекото (Како алтернатива на ова доколку немате кафе во зрно, во топлото млеко може да ставите една лажица нес кафе или по вкус).
Потоа уште еднаш вклучете го огнот до зовривање, па млекото процедете го и додадете го во 130 г црно чоколадо. Почекајте 3 минути па промешајте додека чоколадото да се растопи и соедини. Оставете да подизлади.
Во 300 г слатка павлака додадете 25 г шеќер па изматете со миксер додека да добиете шлаг. Додадете го растопеното чоколадо и продолжете со матење. Редење: кора – 1/3 од кремот – кора – 1/3 од кремот – кора – остатокот од кремот (обложете ја целата торта).
Тортата оставете ја најмалку два часа во фрижидер за да излади и да се стегне. Одозгора декорирајте со рендано чоколадо. Постапката можете да ја погледнете во видеото: