Ако сте љубител на чоколадото, лешниковиот крем и печивата приготвени со нив, тогаш не го пропуштајте овој рецепт на “Cookist Wow” во презентација на нашата драга членка Соња Накова од групата НМД рецепти, која го испроба и ги објави фотографиите.
Мора да признаеме дека резултатот е неверојатно неодолив, а колачот е мек како памук и многу вкусен. За да го приготвите тестото за овој колач ќе ви бидат потребни следните состојки: 250 мл млако млеко, 100 мл вода, 50 г шеќер, 7 г сув квасец, 50 мл масло.
Потоа, 1 јајце на собна температура, 20 г растопен путер, 750 г сенаменско брашно, 1 лажичка сол, 10 г ванилин шеќер, 20 г какао во прав. За филување на колачот ќе ви биде потребен некој лешников крем (нутела, еурокрем или сл.) и чоколадни капки/трошки за декорација и 1 јајце за премачкување.
Постапка: Во подлабок сад ставете 250 мл млако млеко, 100 мл вода, 50 г шеќер и 7 г сув квасец (или една кесичка). Добро изматете за да се растопи шеќерот и соединат состојките. Оставете 10-тина миннути за да се активира квасецот, а потоа додадете 50 мл масло.
Во смесата додадете и едно цело јајце кое претходно отстојало на собна температура и 20 г растопен и изладен путер. Во оваа смеса започнете постепено да додавате вкуспно 750 г сенаменско брашно. Во смесата додадете и една лажичка сол и една кесичка ванилин шеќер.
Најпрво мешајте со лажица додека да добиете убава изедначена смеса без грутки од брашното, а потоа како постепено ќе го додавате брашното, замесете со рака. Тестото треба да биде меко и да се одвојува од ѕидовите на садот. Потоа од него одземете една третина.
Во помалото тесто додадете 20 г какао во прав. Замесете го добро ова помало парче додека да стане сето изедначено кафеаво. Формираните топки од теста покријте и оставете ги два часа да стасуваат на собна температура. Откако ќе стасаат, истресете ги на работна површина.
Белото тесто (поголемото) развлечете го со помош на оклагија во правоаголна кора со дебелина од приближно половина центиметар. Истото сторете го и со кафеавото (помалото) тесто, развлечете го во правоаголна кора, со приближна величина на белата кора, но потенко.
Ставете ги двете кори една до друга, така што кафеавата кора малку да го преклопува работ на белата. Со прстите притиснете за да се залепат корите во една. Тестото лесно се обликува, но сепак, исечете ги краевите за да добиете правилна форма на правоаголник.
На едниот крај врз белата кора нанесете лешников крем (нутела, еурокрем или крем по ваш избор, а може дури и сварен пудинг со вкус на чоколадо) и наросете со чоколадни капки/трошки или ситно сечкано чоколадо по ваш вкус. Може да наросите и мелени лешници/кикирики за побогат вкус.
Откако ќе ја филувате белата кора, направете засеци на кафеавата кора за да добиете ефект на “гасеница”. Започнете со внимателно виткање на кората започнувајќи од страната каде што е нанесен филот. Поклопете го и полека виткајте до крајот на кафеавата кора.
Притиснете со прстите за убаво да се залепи кафеавата кора во белата (осигурајте се дека се соедините за да не се одлепуваат подоцна при печењето). Вака приготвениот ролат свиткајте го во вид на прстен и поставете го во калап за куглоф, претходно добро намастен со путер.
Одозгора декорирајте го со чоколадни капки/ чоколадни трошки/ шарени трошки или нешто по ваш избор. Вака приготвениот колач покријте го со чиста кујнска крпа и оставете го да стасува еден час на топло место додека да стаса и да го удвои својот волумен.
Стасаниот колач одозгора премачкјате го со разматено јајце (+ малку млеко или масло) и ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени. Колачот се пече околу половина час додека убаво да зарумени одозгора и да се почне да се одвојува од калапот.