Фотографија и рецепт на Верица Ефремова Велкова. Еве го рецептот за сите заинтересирани што сакаат да си го направат, нема да зажалат. Превкусен е, евтин, брз, чоколаден… Потребни состојки: 2 чаши јогурт, 1 ½ чаша шеќер, 2 чаши брашно, 2 лажици какао, ½ чаша масло, 1 прашок за печиво, 1 чаша = 250 мл.
Постапка: Сите состојки се мешаат во еден сад во убава изедначена смеса, да нема грутчиња. Смесата се излева во плех претходно намастен и набрашет (со средна величина). Се става да се пече во загреана рерна на 180 степени. Се проверува дали е печено со чепкалка за заби.
Печениот колач се остава да излади, а потоа се прелива со чоколаден сируп. За чоколаден прелив: 100 г чоколадо, 100 г путер или маргарин, 15 лажици млеко, 5 лажици шеќер. Постапка: Сите состојки се ставаат на тивок оган да се растопат со постојано мешање.
Ладниот колач се прелива со топлиот чоколаден сируп. Одозгора можете да наросите кокос или нешто по ваша желба, но и вака е превкусен. Коментар на Saska Cilevska: “Колачот е одличен, јас често го правам но во кексит ставам рендана кора од портокал, а во преливот половина од млекото го заменувам со сок од портоал.
Домашните го обожаваат и го викаме “Црнец без јајца””. Коментар на Весна Михајловски: ”Наместо прашок за печиво ставам сода бикарбона, подобро е така, проверено! Инаку често правен многу јаден”.
Прочитајте го и вториот рецепт: “Црнец без јајца” – рецепт кој на сите им успева од првпат. Едноставен колач а толку вкусен, мора да го пробате. Колачот е старински и уште одамна го приготвуваа нашите мајки и баби. Потребни состојки: 550 мл јогурт, 100 мл масло, 250 г шеќер, 2 лажици какао, 300 г брашно, 2 лажички сода бикарбона.
За глазура: 180 г путер, 120 мл млеко, 120 г шеќер и 120 г чоколадо за готвење. Постапка: Во еден сад ставете 550 мл јогурт на собна температура. Додадете 100 мл масло и 250 г шеќер. Во смесата додадете 2 лажици какао во прав и 300 г брашно.
На крај ставете и 2 лажички сода бикарбона па промешајте со жица за матење додека да добиете мазна полутечна смеса, без грутчиња. Добиената смеса излејте ја во плех со средна величина или тркалезен калап за торти, претходно намастен со малку путер или масло.
Израмнете и ставете да пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Печениот колач оставете го да излади, а за тоа време пригответе ја глазурата: во еден сад ставете 180 г путер и растопете го на тивок оган. Додадете 120 мл млеко, 120 г шеќер и 120 г чоколадо за готвење.
Промешајте убаво додека сите состојки да се растопат и изедначат, па прелијте ја глазурата преку изладениот колач. Оставете да се стегне, па сечете го на коцки. Одозгора може да декорирате со рендано чоколадо. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
БОНУС рецепт: ГРИЗ КОЦКИ – се мери на чаша. Колачот е многу брз и едноставен за приготвување. Сите состојки се мерат со една иста чаша, а во овој случај, таа е од 200 мл. Секако, моете да користите и чаша од 250 или 300 мл, важно е само да ја користите истата за чаша за мерење.
Потребни состојки: – За мерење се користи чаша од 200 мл. 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша брашно, 250 г гриз, 1 прашок за печиво. За сируп: 500 г шеќер, 600 мл вода. За украсување: 2 шлага од ванила и мелени ореви за наросување одозгора.
Постапка: Изматете ги јајцата со постепено додавање на шеќерот, додека тој да се растопи, а јајцата да побелат и згуснат. Потоа намалете ја брзината на електричниот миксер и продолжете да матите додека во тенок млаз го додавате маслото, а потоа и млекото.
Во изедначената смеса додадете ги мелените ореви, гризот, брашнотоот и прашок за печиво. Смесата внимателно изматете ја со миксерот на најмалата брзина или промешајте со лажица, внимавајќи да се задржи пенливоста на смесата и таа да остане воздушеста.
Потоа излејте ја во малку намастен и наросен со малку брашно (вишокот истресете го) калап со димензии 20х35 см, рамномерно распоредете и израмнете со протресување. Ставете да се пече колачот во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 30 минути (проверете со чепкалка дали е печен).
За тоа време пригответе го сирупот: во еден сад ставете шеќер и вода да врие 2-3 минути откако ќе проврие. Со топол сируп прелијте го печениот колач и оставете да излади. Шлагот изматете го според упатството на кесичката и премачкајте го колачот, па наросете мелени ореви.