Овој рецепт толку ме изненади со својата едноставност и брзо приготвување, а примамлив со својот изглед, што доцна во ноќта кога го пронајдов овој рецепт веднаш одлучив да го направам, зашто беше брз, а и состојките ги имав во кујна.
И навистина, како што очекував, добив вкусен колач кој се топи во уста. Пробајте го и вие, топло ви го препорачувам. Под овој рецепт имате уште еден, добро познатиот црн колач без јајца, кој просто воодушевува. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл) ПРВ ДЕЛ: 1 чаша млеко, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 4 супени полни лажици какао. ЗА ВТОР ДЕЛ: 2 јајца, 1 чаша брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи јогуртна чаша од 180 мл, но може и обична од 200 мл): 3 чаши кисело млеко, 3 чаши шеќер, 1 чаша масло за готвење, 3 чаши брашно, 4 супени лажици какао во прав, 1 мала лажичка сода бикарбона
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРЕЛИВ: 1 супена лажица масло за готвење, 4 супени лажици млеко, 1 мала кесичка капучино (не мора, ова е за вкус), 70 г маргарин или путер, 3 штангли чоколадо за готвење (50 г), 3 кесички ванилин шеќер (ако ставите капучино, тогаш само една).
ПОСТАПКА: Сите состојки од првиот дел изматете ги со миксер во еден поголем сад, а потоа смесата поделете ја на два еднакви дела. Во едната половина додајте: 2 изматени јајца, 1 чаша брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г) и 1 кесичка ванилин шеќер (или по вкус). Втората половина оставете ја настрана и ќе послужи како прелив на печениот колач.
Изматете со миксер додека да се соедини. Плехот со средна величина намастете го со масло и набрашнете го (или обложете го со хартија), излејте ја смесата во него и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 20-25 минути. Проверете со чепкалка дали колачот е печен: ако чепкалката е сува, значи дека е готов.
Извадете го од рерна и прелијте со втората половина од од смесата (преливот). Оставете да отстои еден час за убаво да впие, а потоа можете да го сечете на коцки. Јас го оставив така да преноќи (беше доцна). Следното утро го пробав. Колачот беше многу вкусен и необично нежен, прсто се топеше во уста. Следува постапката за вториот рецепт „црн колач без јајца“:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Сите потребни состојки за колачот изматете ги со миксер додека да добиете изедначена, хомогена смеса. Излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна величина, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 или 200 степени.
Проверете со чепкалка дали е печено, ако излезе чиста и сува значи дека колачот е добро испечен. Не треба повеќе од 20 минути, максимум половина час. Изладениот колач избоцкајте го густо со чепкалка за заби за побрзо да го впие преливот.
Преливот се приготвува така што сите состојки се ставаат во едно тенџере и се меша додека да зоврие и сето да се растопи и изедначи. Со врелиот прелив се залива подизладениот колач, па се остава да се олади прво на собна температура, а потоа и во фрижидер.