Колачов секој што ќе го проба – се воодушевил. Можеби навидум се чини за многу едноставен, но еднаш откако ќе го направите ќе се уверите во неговиот квалитет. Иако се приготвува од само неколку намирници, крајниот резултат е – мек како памук, неодолив, сочен и вкусен колач. Може да се пече во рерна, па дури и во тенџере, на рингла. Запишете си го рецептов, направете го и споделете ги впечатоците.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 чаша ситно сечкани урми без семка (90 г), 1/2 чаша врело млеко (120 мл), 1 банана со средна величина, 3/4 чаша брашно (100 г), 1/4 чаша какао во прав (25 г), 1 мала лажичка прашок за печиво, 1/2 лажичка сода бикарбона, 1/2 чаша млеко (120 мл)
ПОСТАПКА: Урмите исчистете ги од семки и исечкјате ги ситно, па прелијте ги со врело млеко, поклопете ги со капак или тацна и оставете ги 10-тина минути за да омекнат и набубрат.
Потоа, заедно со млекото ставете ги во блендер и миксајте додека да добиете еднолична каша. Во смесата додајте и една зрела банана, со средна величина, исечкана на тркалца.
Повторно измиксајте и добиената хомогена смеса префрлете ја во еден подлабок сад каде ќе можете полесно да мешате. Низ сито просејте ги прашкастите состојки (брашно, какао, прашок за пчиво и сода бикарбона).
Со шпатула промешајте, па започнете постепено да додавате млеко. најпрво додајте половина од вкупната количина, па како ќе добивате компактна смеса, така, малку по малку додајте го и остатокот од млекото.
На крај ќе добиете фина мазна смеса. Еден помал долгнавест и длабок калап за печење леб или ролат намастете го со масло или путер, па во него излејте ја смесата. Потчукнете го и протресете го калапот неколкупати за да се изедначи и израмни смесата.
Одозгора наросете чоколадни снегулки „чипс“ или ситно сечкано/рендано чоколадо – по вкус. Е сега, имате две опции за печење: можете најобично да го печете колачот во рерна, но можете да го печете и во тенџере врз подлошка како што е прикажано во видеото.
ЗА ПЕЧЕЊЕ ВО ТЕНЏЕРЕ: Ставете метална подлога (може и онаа од микробрановата печка) на дното од едно големо и широко тенџере, поклопете и загрејте го 5 минути на умерена температура, да се добие топол воздух и да се згреат ѕидовите. Потоа тргнете го капакот и ставете го колачот. Повторно поклопете и печете го колачот 30-40 минути на умерена температура.
ЗА ПЕЧЕЊЕ ВО РЕРНА: Загрејте ја добро рерната на 180 степени, па ставете го колачот и печете го 30-40 минути. Најдобро е да проверите со чепкалка кога сметате дека е печен (треба да излезе сува).
Печениот колач оставете го малку да се олади, па извадете го врз даска и сечете го на парчиња со дебелина од 1,5 см. Послужете со кафе, чај или топка сладолед. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.