Тортата Чембрлен им припаѓа на оние богати, полни со вкус, вистински, старомодни торти каде секој залак е вистинско уживање. Кој и да ја избере оваа торта нема да погреши. Извонредна комбинација од мека кора од белки и ореви и два кремови кои се варат и се соединуваат во еден, плус пржен шеќер и печени лешници.




Испечете 4 кори во кружен калап од 26 см или 2 кори во голем плех од рерна 40х30 см, а состојките за една кора се: 4 белки, 4 лажици шеќер, 50 г мелени ореви, 1 лажица брашно. ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 2 жолчки, 4 лажици шеќер, 4 лажици скроб/дебелина, 350 мл млеко, 100 г млечно чоколадо (може и без, оригиналот е без, но мислам дека филот е многу поубав со млечно чоколадо).




ЗА ВТОРИОТ ФИЛ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 14 жолчки, 12 лажици шеќер, 100 г темно чоколадо, 250 г путер. ЗА ГРИЛИЈАЖ: 200 г шеќер, 150 г печени лешници (мерката може да биде помала – доволно е 150 г шеќер и 100 г лешници). ЗА ГЛАЗУРА (ОПЦИОНАЛНО): 100 г темно чоколадо, 150 – 200 мл слатка павлака.




ПОСТАПКА ЗА КОРИТЕ: Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Изматете 4 белки со постепено додавање на шеќерот, додека да се формира цврста пена. Како што снегот од белки станува поцврст, зголемувајте ја и брзината на миксерот. Потоа додајте ги оревите и брашното и соединете со шпатула или жица за матење, не со миксер.




Излејте ја смесата во обложен кружен плех, со пречник од 26 см и печете помеѓу 12 и 14 минути, јас печев 13 минути, во зависност од вашата рерна. Повторете ја постапката уште 3 пати, додека да подготвите вкупно 4 кори. Доколку имате 2 калапи, веднаш изматете ја мерката за втората кора додека се пече првата.




Или ако сакате квадратна торта, изматете двојна мерка, т.е мерка за две кори, истурете во обложен голем плех од рерна,40×30 см, па испечената кора пресечете ја на половина за да добиете две помали. Кога ќе се испече кората, не ја вадете веднаш од тавата, туку почекајте неколку минути, за да не се стегне кората.




ЗА ПРВИОТ ФИЛ: Во тенџерето во кое ќе готвите измешајте 2 жолчки, шеќер и скроб, со 50 мл ладно млеко и измешајте да нема грутчиња. Се прелива со преостанатото врело млеко, се меша и се става на средна температура да се згусне, како пудинг. Се трга од оган, се додава млечното чоколадо, се меша додека се растопи, па се остава да се излади со повремено мешање да не се формира коричка, иако може да се стави и фолија, но се чека подолго да се излади.




За вториот фил сипете „два прста“ вода во поголемо тенџере и ставете го на оган. Во мало тенџере изматете ги жолчките и шеќерот додека да побелат и смесата да се згусне. Над поголемото ставете го помалото тенџере и варете 10 минути мешајќи од моментот кога водата ќе зоврие.




По 10 минути додајте го чоколадото, мешајте додека да се растопи и тргнете го од оган. Изладете додека мешате, тука не е потребна фолија. Веднаш потоа подгответе го грилијажот: се топи шеќерот на средна температура, прво протресувајќи ја тавата да не се формираат грутчиња, а потоа кон крајот може да се промешува.




Во растопениот шеќер додајте ги парчињата лешници и измешајте да се распореди низ шеќерот. Се става на хартија за печење и се остава да се излади. Изматете го путерот на собна температура. Изладениот прв фил исто така се мати. Во путерот додајте го првиот фил и измешајте. Потоа се додава вториот фил и сѐ се соединува.




За грилијажот, изгмечете ги лешниците и шеќерот. Препорачувам аван или толчник, бидејќи јас го изблендирав и можам да ви кажам дека излезе многу тврд. РЕДЕЊЕ: кора, фил, па наросете со грилијажот и така до крај. Остатокот од филот го премачкуваме на последната кора, која исто така се распоредува и по страните на тортата.

Остатокот од грилијажот го лепите од страните на тортата за да изгледа декоративно, а за одозгора се подготвува глазурата: чоколадото соединете го со топла слатка павлака и мешајте додека да се растопи, па оставете ја да се излади неколку минути. Глазурата нанесете ја врз тортата и распоредете. Тортата се остава да се излади неколку часа за се добро да се соедини и да се обединат вкусовите, па да се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.