Овој бурек се топи во уста, многу е вкусен и едноставен за приготвување. Можат да го приготват дури и понеискусните.

“Нека не се лутат оние што сметаат дека бурек со сирење –не постои, овде во Хрватска е сосем нормално да се порача бурек со сирење, со спанаќ, јаболка и слично…” – се наведува во видеото, кое подолу можете да го погледнете.

Без разлика на тоа дали ќе ја наречете, пита, сирењак или бурек со сирење, сеедно, треба да пробата и сами да оценете за вкусот.

Потребни состојки:

650 г готови кори за пита
3 големи лажици за намастување на тепсијата
500 г свежо кравјо полномасно сирење или урда
1 мала лажичка сол (7,5 г)
100 мл масло
500 мл газирана вода

Постапка:

Тепсијата во која ќе се приготвува бурекот намастете ја со 3 супени лажици масло. Врз неа ставете две кори и убаво притиснете ги, така што, краевите да излегуваат и висат однадвор.

Во еден подлабок сад ставете половина литар газирана вода, една полна лажичка сол и 100 мл масло за јадење. Убаво промешајте со жица за матење за да се разбие маслото во водата и да се растопи солта. Сирењето издробете го.

Започнете со редење: Корите во тепсијата испрскајте ги со 3-4 лажици од течната мешавина, па ставете неколку лажици од сирењето. Потоа, одозгора ставете нова кора. И неа испрскајте ја со течноста и нанесете сирење.

Поклопете ја со друга кора и повторувајте ја постапката. Нанесете уште една кора (вкупно 5 со двете најдолу), распоредете сирење и на краевите од тепсијата за да биде рамномерно, па поклопете ја со краевите кои висат надвор (види видео).

Потоа ставете нова кора и повторете ја постапката одново. На секои 2-3 кори, краевите поклопувајте ги внатре. За крај оставете две празни кори, кои откако убаво ќе ги “спакувате” одозгора, испрскајте ги со преостанатата течност.

Бурекот оставете го малку да одмори, па избоцкајте го насекаде со чепкалка за заби.

Ставете да се пече во загреана рерна на 210 степени околу 40 минути. Печениот бурек извадете го малку да излади, па одвојте го од ѕидовите на тепсијата и превртете го. Пресечете го и послужете го со јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.

Деталите можете да ги погледнете во видеото: