Вака приготвениот бурек или пита, како сакате наречете, многу е вкусен и што е најважно од сè, многу брзо и лесно се приготвува. Можете да го послужите топол, ама исто е многу вкусен и кога ќе се излади. Има две варијанти за подготовка, а вие одберете која повеќе ви одговара.
Една варијанта е да ги измешате сите состојки со сировото, мелено месо, ова е многу побрз метод, но искуствата велат дека и втората варијанта е доста вкусна, кога меленото месо ќе се пропржи заедно со кромидот, ќе се олади, па потоа ќе се промеша со останатите состојките.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелено месо, 2-3 главици кромид, 4 јајца, 1 шолја млеко, 1 јогурт (чаша од 200 мл), 10-12 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, сол по вкус (јас ставив 2 лажички), црн пипер по вкус (јас ставив 1 рамна лажичка) и масло за тепсијата.
ПОСТАПКА: Кромидот ситно исечкајте го или сомелете го, па измешајте го со меленото месо, потоа додајте ги јајцата, јогуртот, млекото и зачините. На крај додајте го брашното помешано со прашок за печиво и сето добро соединете го.
Смесата истурете ја во добро намастена тепсија, најубаво е да биде тркалезна, но вие како сакате, можете да ја испечите питата и во правоаголен калап, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 45 минути или во зависност од рерната, додека да се зафати коричка.
Печената пита оставете ја неколку минути да се подизлади, а потоа сечете ја на парчиња. Може да се послужи топла или ладна. Исечете на парчиња со средна големина, па послужете ја со кисело млеко или нешто по ваш вкус.
По желба, во тестото можете да додадете и околу 150 г сечкани печурки. Фотографиите од постапката можете да ги погледнете најдолу во текстот, после вториот рецепт за бурек-пита без кори.
Потребни состојки: 500 г мелено месо, 4 јајца, 12 рамни лажици брашно, 200 мл јогурт, 3 главици кромид, 1 кесичка прашок за печиво, сол, црн пипер, масло
Постапка: кромидот ситно исечкајте го и пропржете го на малку масло колку да застакли. Потоа додајте го меленото месо и зачините по вкус. Пропржете го месото со повремено додавање на вода додека месото да омекне, а вишокот телчност да испари.
Белките одвојте ги од жолчките и изматете ги во цврст снег. Посебно изматете ги жолчките, па додајте го јогуртот, брашното и прашокот за печиво, а на крај додајте го изладеното месо со кромидот.
Внимателно со лажица додајте го снегот од белки и промешајте да се изедначи смесата, но сепак да се задржи пенливоста. Тепсијата во која ќе ја печете питата обложете ја со хартија за печење.
Излејте ја смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, додека да зарумени. Послужете ја питата со некој ладен сос по ваша желба, со јогурт или салата. Многу е вкусна.