Фото и рецепт: Ксенија Велковиќ
Потребни состојки:
500 г готови тенки кори (јас земав две пакувања, зошто во едното немаше доволен број кори колку што е потребно за оваа пирамида, а тоа е 23. Од остатокот направив триаголници)
600 г мелено месо
400 г мелен кромид
100 мл масло
1 лажичка сол, мелен црн пипер по вкус
За премачкување:
2 јајца
100 г брашно
1/2 лажичка сол
1 прашок за печиво
250 мл јогурт
Постапка:
Во тава на шпорет додадете 100 мл масло па на тивко пропржете го мелениот или ситно сечкан кромид, да стане стаклест.
Додадете мелено месо, 1 лажичка сол и мелн црн пипер по вкус. Запржете го убаво месото и тргнете од оган.
100 г брашно, половина лажичка сол и еден прашок за печиво измешајте во еден сад. Во друг сад скршете две јајца и матете со миксер.
Кога јајцата ќе побелат постепено додавајте 250 мл јогурт и понатаму матете. Потоа додадете го брашното и полека промешајте.
На работна површина раширете една кора. Преку кората испрскајте со една лажица жолт фил. Со силиконска четка убаво распоредете по целата површина.
Преку неа раширете друга кора и повторете ја постапката. На еден крај распоредете 3 лажици месо, па свиткајте во ролат и добро затегнете за да остане месото во една целина.
На ист начин направете 10 ролати.
Плехот обложете го со хартија за печење. Една кора раширете врз хартијата и премачкајте ја со една лажица жолт фил. Преку неа нанесете уште една кора па и неа премачкајте ја.
На средината наредете 4 ролати еден покрај друг. Премачкајте со жол фил.
Врз нив наредете три ролати, премачкајте и продолжете со редење и мачкање додека да завршете со еден ролат на врвот од пирамидата, па и него премачкајте го.
Целата пирамида прекријте ја со една кора, па и неа премачкајте ја, па подигнете ги краевите кои лежат на плехот и прилепете ги за пирамидата.
Премачкајте со жолтиот фил за краевите убаво да се залепат.
Целата пирамида испрскајте ја со 3 лажици масло. Со силиконска четка добро втријте го маслото.
Пирамидата печете ја во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути, во зависност од рерната.
Фото и рецепт: Ксенија Велковиќ