Вечната дилема за сите оние кои приготвуваат посна слава, е што да подготват, а тоа да биде ново и интересно, поразлично од минатогодишната трпеза. Па, еве еден предлог за брзинско, вкусно и декоративно предјадење.




Комбинирајте ги состојките од основната смеса со состојки по ваш избор, или според нашиот предлог. Може да ги правите помали или поголеми, а еве што ви е потребно за 24 топчиња со средна величина:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за основна смеса: 800 г компир, 1 лажичка сол или по вкус, малку лук во прав и мелен црн пипер во прав по вкус, 1 мала кесичка посен мајонез (95 г). Кој сака во основната смеса може да додаде и ситно сечкани свежи ароматични билки или перца од млад кромид. Еве што треба како додатоци за различните видови топчиња:




ТОПЧИЊА 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (вкупно 7-8 топчиња): Четвртина основна смеса + 50 г мелени печени кикирики, 3 лажици се става во смесата, а остатокот останува за валање. ТОПЧИЊА 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (вкупно 4 топчиња): четвртина основна смеса + 50 г мелени посни крекери, малку за смесата, а остатокот за валање. Правете топчиња од половината смеса, а половината оставете ја за топчиња 3.




ТОПЧИЊА 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (вкупно 4 топчиња): половина од смесата за топчиња 2 + пржени сончогледови семки, малку за смесата и малку за валање. ТОПЧИЊА 4 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (вкупно 4 топчиња): четвртина основна смеса + 50 г печен сусам, малку за смесата, а остатокот за валање – половина од смесата, а половината се остава за топчиња 5.




ТОПЧИЊА 5 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (вкупно 4 топчиња): половина од смесата за топчиња 4 + 1 лажица кечап, а во сусамот за валање додајте малку црвена зачинска пиперка во прав. ТОПЧИЊА 6 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: четвртина основна смеса + приближно 30 г крупна зачинска црвена пиперка (буковец), малку во смесата, а остатокот за валање




ПОСТАПКА: Компирот измијте го, излупете го и исечете го на приближно еднакви коцки со средна величина, прелијте го со вода во која сте додале 1 лажичка сол, па ставете го на оган да се свари. Кога компирот целосно ќе омекне (виљушката лесно треба да поминува низ парчињата), процедете го од водата и испасирајте го.




Во компировото пире додајте половина или цела лажичка сол или по вкус, малку лук во прав или испасирано 1-2 чешниња (а може и без), па запиперете и додајте една мала кесичка посен мајонез. Добро промешајте со лажица додека да се изедначат состојките и по потреба додаје зачини по вкус.




Оваа основна смеса поделете ја на четири приближно еднакви делови од 200 г. Во секоја од смесите додавајте ги наведените состојки, обликувајте топчиња со раце и валајте ги за да бидат шарени. Декорирајте со листови зелена салата или свеж магдонос. Деталите погледнете ги ОВДЕ.