Фото и рецепт: Маја Остојиќ – брзи мини уштипци.

Ова е тесто со јогурт и прашок за печиво, па затоа е добро бидејќи не впива масло при пржењето, а не е ни пресилно. Оваа количина е сосем доволна за двајца убаво да се најадат. Може да се комбинираат во солена или слатка варијанта.

Потребни состојки:

1 големо јајце
1 чаша (од 200 мл) јогурт
2 чаши брашно
½ кесичка прашок за печиво
½ лажичка сол
масло за пржење

Постапка:

Во подлабок сад со миксер изматете едно јајце, па додадете една чаша јогурт, а потоа со постојано матење постепено додадете две чаши брашно помешани со половина кесичка прашок за печиво и половина лажичка сол.

Во помало тенџере од 1 литар ставете масло да има 1 см висина, па загрејте го. Откако ќе се загрее намалете ја температурата на умерено.

Со мала лажичка вадете ги уштипците, но претходно натопувајте ја во загреаното масло, па пржете ги.

По потреба вртете ги за да се испржат од сите страни, иако тие и самите се превртуваат. Пржените вадете ги во чинија за послужување и послужете ги со сирење, ајвар… но може да ги послужите и во слатка варијанта со џем, крем, течно чоколадо, шеќер во прав.

Фото и рецепт: Маја Остојиќ