Едноставни, брзи, одлични, но и брзо ги се изедуваат, особено ако ги правите помалечки за вашите најмили, а секако и за нас возрасните. Постапката навистина е брза и лесна, а тестото не треба да се чека да стасува како што е случај со класичните квасни теста, туку веднаш се развлекува и се сечат крофните.




Можете да ги сечете со чаша или специјална модла за крофни, да ги правите со дупче или без, да бидат помали или поголеми, па дури и во најразлични облици. Ние најмногу ги сакаме валани во кристал шеќер, но секако може да употребите шеќер во прав или чоколадна глазура. Еве што ви е потребно според рецептот на Медина:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 5 супени лажици шеќер, 250 мл млеко, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 600 г брашно, 6 големи лажици јогурт или кисела павлака, масло за пржење (два прста во тавата или тенџерето), кристал шеќер за валање




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете ги јајцата, додајте шеќер и пенасто изматете ги со миксер. Матете ги неколку минути додека шеќерот да се растопи, а смесата да згусне и стане кремаста.




Потоа додајте го млекото, промешајте или намалете ја брзината на миксерот, па постепено започнете да го додавате брашното помешано со прашок за печиво. Бидејќи натаму смесата станува густа, не можете да матите со миксер, туку мешајте со лажица или шпатула.




Некаде пред самиот крај додајте го јогуртот. Ќе добиете меко и малку лепливо тесто. Истресете го врз набрашнета работна површина и доработете го. Ќе ви бидат потребни 50-100 г брашно за да добиете нелепливо тесто.




Не грижете се што тоа и натаму е меко (такво треба да биде за да добиете меки крофни). Ако тестото го направите потврдо, тогаш и крофните ќе бидат потврди и пожилави откако ќе ги испржите.




Сега тестото развлечете го, по потреба посипете брашно, а кората треба да биде со дебелина од 1-1.5 см. Вадете крофнички со помала модла или чаша, редете ги на кујнска крпа и покривајте ги со кеса за да не се сушат додека го работите остатокот од тестото.




Во поголема тава или фритеза загрејте длабоко масло на средно умерена температура. Пржете ги крофните додека да заруменат од двете страни и да добијат убава златнокафеава боја. Вадете ги со решеткава лажица и редете ги врз хартиена салветка.

Повторно покривајте ги додека сите крофни да се испржат. Потоа валајте ги во кристал шеќер и послужете ги. Рецепт на Медина / Сооlinarika.сom