Никогаш не ми здодеа да ги приготвувам овие прекрасни колачи. Откога си купив флексибилен правоаголен обрач за торти, често го правам за дома, а некогаш им носам на пријателките како подарок.

Верувајте, толку многу е декоративен, а лесен и здрав, што кога ќе ги завиткам парчињата во целофан, изгледаат како некој скапоцен подарок.




Подоцна пријателките ми се јавуваат на телефон да ме прашаат од каде сум ги купила и сите се изненадени кога ќе им кажам дека сама сум ги направила. За да не го објаснувам одново и одново, одлучив јавно да го објавам рецептот, да можат сите да си го прават. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г печени/истостирани кикирики, 150 г бисквити по ваш избор, 180-200 г готов карамел, 300 г растопено бело чоколадо, 1-2 раце суви кајсии или некое друго суво овошје по избор (со брусница или вишни е исто така, превкусно).

Карамелот можете да го набавите готов, од супермаркет, а може да го направите и сами по следниот, многу едноставен рецепт: 200 г шеќер, 200 мл слатка павлака, 1 лажичка екстракт од ванила, по желба прстофат морска сол.

Постапка за приготвување на карамелот: ставете го шеќерот во тенџере со светло дно и загревајте на умерена температура додека шеќерот започне да се топи. Кога ќе достигне златна боја додајте слатка павлака на собна температура (или малку загреана). Внимавајте, може да прска.

Продолжете со готвење на најниска температура додека да се растопи стврднатиот карамелизиран шеќер. По желба додајте и една супена лажица несолен путер. Кога ќе постигне кремаста конзистенција, карамелот претурете го во друг сад и по желба додајте прстофат морска сол за интензивирање на вкусот и лажичка ванилин екстракт. Добро измешајте и оставете да се олади. А сега, да се вратиме на подготовка на колачите:




ПОСТАПКА за приготвување на колачите: Печените несолени кикирики ситно сомелете ги во блендер и претурете ги во некој подлабок сад. Додајте 150 г мелени бисквити, па во сувата мешавина додајте 180 мл карамел (ако е потребно додајте уште малку, во зависност од сувоста на кексите).




Добро промешајте најпрво со лажица или шпатула, а потоа смесата изедначете ја со рака. Треба да се добие смеса со конзистенција на влажен песок која кога силно ќе ја стиснете во рака се слепува и може да се обликува.




Смесата истресете ја врз рамна површина (тацна) со флексибилен обрач 20х20 см или приближно. Доколку немате ваков обрач, користете калап кој претходно сте го обложиле со проѕирна фолија, така да можете подоцна да го извадите колачот во едно парче.




Смесата рамномерно распоредете ја натапкувајќи ја со дланка, а потоа измазнете и со задниот дел на лажицата. Површината треба да биде рамна, а дебелината насекаде еднаква. Одозгора прелијте 150 мл растопено бело чоколадо (искршете го на коцки и ставете го во микробранова или на тивок оган).




Израмнете и ставете во фрижидер 15-тина минути да се стегне. За тоа време ситно исечкајте ги сувите кајсии или сувото овошје то ќе го користите како декорација. Може да користите и сечкани ореви или лешници, или пак комбинација од јатки и овошје.




Внимателно одделете го колачот од рабовите на обрачот, поклопете со хартија и тацна, па целиот колач во едно парче превртете го. Одозгора (од другата страна) прелијте го повторно со 150 г растопено бело чоколадо, наросете со сечкано овошје и притиснете со лажицата. Вратете во фрижидер уште 25 минути. Потоа отстранете го обрачот и сечете ги колачите со големина по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.