Рецептот е добиен со комбинација од „купус“ кифли и охридските пинерлии. Тестото се приготвува вообичаено, со стасување, а кифлите се филуваат со два фила. Вториот фил кој овде се состои од шунка и кашкавал, вие можете да го менувате по ваш вкус. Првиот фил останува ист, како и состојките за приготвување на тесто.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ 2: 200 г шунка, 200 г кашкавал. ЗА ФИЛ 1: 3 жолчки, 2 лажици брашно, 1 чаша кисела павлака (180 г), 1 коцка путер или маргарин (250 г). За тесто: 1 кг брашно, 2 чаши јогурт (од 180 г), 1/2 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол




ПОСТАПКА: Во топло млеко растворете го квасецот заедно со една лажица шеќер и малку брашно. промешајте добро да нема грутчиња и оставете на топло место 10-тина минути додека квасецот да се активира и да запени.




Се мери со една иста чаша, а за овој рецепт се користи јогуртна чаша од 180 г или 200 мл. Сите состојки треба да бидат на собна температура, да не се ладни. Значи, јогуртот извадете го малку од фрижидер да се потстопли, за да не се „пресече“ ферментацијата на квасецот.




Кога квасецот ќе се активира, во него додајте го јогуртот и маслото, а потоа започнете постепено да го додавате брашното во кое сте додале една лажичка сол и една кесичка прашок за печиво. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете со рака.




Кога ќе добиете убаво, мазно и нелепливо тесто, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува на топло место додека да му удвои волуменот. Откако ќе стаса, тестото поделете го на 4 еднакви делови.




Во меѓувреме направете го првиот фил. Путерот оставете го на собна температура да омекне, па пенасто изматете го со миксер. Започнете една по една да ги додавате жолчките додека непрекинато матите, а потоа додајте ја киселата павлака и две лаѓжици брашно.




Треба да добиете убава мазна смеса. Од секоја четвртина тесто формирајте топче, па со помош на оклагија развлечете кора како за кифло. Обидете се кората да ја формирате со правоаголна кора, за да може полесно да се свитка во ролат.




Преку целата површина, секоја од четирите кори премачкјате ги со првиот фил, а преку него наросете рендана шунка и рендан кашкавал. Ако сакате, наместо шунка и кашкавал може да наросите сирење или спанаќ или нешто по ваш вкус.




Тестото внимателно свиткајте го во ролат-ролна. Сечете парчиња со должина од 10 см. Постапката повторете ја со преостанатото тесто. Малите ролнички-кифли редете го во плех обложен со хартија. Одозгора можете да ги премачкате со јајце и да ги наросите со сусам или семки по ваш избор.




Оставете ги уште 15-тина минути на топло да стасаат пред печење, па ставете ги во добро загреана рерна на 180-200 степени и печете ги додека да заруменат убаво. / Денерис / Сооlinarika.com