Италијанците се познати по специфичната храна која е обожавана од целиот свет, но најпознати се по нивните шпагети и секако, феноменалната пица. Се приготвува со различни филови, а оттаму има и различни имиња. Може да биде со тенко или дебело тесто, повеќе или помалку испечена, по вкус.




Познатите пица-мајстори во светот имаат свои тајни рецепти за приготвување на тестото. Некои го активираат квасецот со мед од претходниот ден, други го оставаат во фрижидер на т.н.„ладна ферментација“, а некои прават свои домашни квасци со специфична арома и вкус. Како и да е, кога тестото се приготвува со квасецот потребно е да се издвои доста време.




За среќа, досетливите домаќинки секогаш имаат идеални решенија со кои значително се крати времето поминато во кујна, а сепак квалитетот задржан, а според многумина, вкусот е дури и подобар. Во продолжение прочитајте неколку испробани рецепти за пица-тесто кое се приготвува брзо и лесно, без квасец. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл): 1 чаша јогурт, 2 чаши брашно, 2 супени лажици масло, половина лажичка сол и половина лажичка прашок за печиво (5 г).

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши брашно (+ за домесување), 1 чаша кисела павлака, 2 јајца, 2 супени лажици растопен путер, 1 супена лажица шеќер, 1 мала лажичка сол, прстофат прашок за печиво. Фил по личен вкус.

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши брашно, 1 рамна лажичка сол, половина прашок за печиво, 1 чаша јогурт, 3 лажици масло, уште малку брашно за премесување и развлекување на тестото. За фил: доматен сос, 250-300 г кашкавал, 200 – 250 г сувомеснато по желба, маслинки, печурки по желба, босилек, оригано, малку мајонез.




ПОСТАПКА за рецепт 1: од брашното, солта, прашокот за печиво, маслото и јогуртот замесете тесто. Тестото веднаш развлечете го на набрашнета работна површина, па пренесете го во плех обложен со хартија за печење. Филувајте по сопствен избор. Премачкјате го со доматен сос, додајте тенки листови сувомеснато.




Потоа наредете моцарела, шери домати, рендан кашкавал или доколку повеќе ја сакате во „веге“ варијанта, наредете сечкан зеленчук. Подготвената пица ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна на 220 степени 10-тина минути или додека малку да заруменат краевите. Додека се пече пицата, пожелно е првите 5-7 минути да не се отвора рерната. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Во подлабок сад просејте го брашното, па додајте ги јајцата, павлаката, путерот, шеќерот и солта. Не претерувајте со брашното за да не добиете премногу суво и тврдо тесто. Тоа треба да биде средно меко, но повеќе меко.




Откако добро ќе го замесите тестото, обликувајте го во топка, па развлечете го со големинаи дебелина која вам ви одговара, па кората поставете ја врз плех обложен со хартија за печење. Состојките наредете ги според ваша желба и ставете да се пече во добро загреана рерна на 220-250 степени, 10-тина минути. Следи постапката и за третиот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 3: Во еден сад ставете 2 чаши брашно, 1 рамна лажичка сол и половина кесичка прашок за печиво. Промешајте ги состојките. Потоа додајте 1 чаша јогурт на собна температура и 3 лажици масло. Прво со лажица замесете го тестото, а потоа и со рака.




Замесеното тесто оставете го 5 минути да се одмори. После 5 минути тестото префрлете го на набрашнета работна површина и кратко промесете го. Од ова тесто можете да направите една голема или две мали пици.




Развлечете тенка кора. Развлекувањето може да го правите на набрашнета површина или веднаш на хартијата за печење. Премачкајте со доматен сос, по желба додајте малку босилек и филувајте понатаму по ваш избор.

Подготвената пица одозгора посипете ја со неколку капки мајонез за да биде помека. Пицата печете ја во загреана рерна на 220 степени околу 8-10 минути во зависност од вашата рерна.