Home пита Брза и лесна пита со сирење, без развлекување а се разлистува како...

Брза и лесна пита со сирење, без развлекување а се разлистува како од пекарница! Совршена за почетници

Лесна пита со сирење – совршена за почетници

Оваа пита со сирење е идеална за сите што сакаат да подготват вкусен и едноставен специјалитет без сложеното развлекување на кори.

Со крцкава текстура и мек вкус, оваа пита е вистинско уживање за секоја прилика.

Рецептот е приспособен за почетници, а резултатот е импресивен – пита со многу листови, богата со вкус и лесна за подготовка, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки

– 700 г меко брашно за тесто
– 400 мл вода (на собна температура)
– 1 лажичка сол
– 3 лажици масло
– 100 г путер
– 100 мл масло
– 400 г свежо сирење
– 200 г фета-сирење
– НМД

Постапка

1. Во сад за месење ставете 700 г меко брашно и додајте 1 лажичка сол. Промешајте ги сувите состојки.

2. Додајте 400 мл вода на собна температура и 3 лажици масло. Мешајте со лажица додека влажните и сувите состојки се соединат. По желба, месењето може да се продолжи рачно или со миксер за тесто.

3. Кога тестото ќе почне да се формира, продолжете да месите рачно во садот додека сите состојки се соединат во еднолична маса.

4. Префрлете го тестото на работна површина посипана со малку брашно и месете уште 2-3 минути додека стане мазно. Доколку тестото се лепи, додајте малку брашно.

5. Оформете го тестото во топка, посипете го со малку брашно, покријте го со најлонска фолија и оставете го да отстои 10 минути за да се активира глутенот.

6. По одморањето, тестото повторно измесете го кратко (30 секунди до 1 минута) додека стане мазно и еластично.

7. Посипете ја работната површина со брашно и поделете го тестото на 20 еднакви делови. Секој дел оформете го во топка, спојувајќи ги краевите на тестото. Покријте ги топките со најлонска фолија и крпа и оставете ги да отстојат 5 минути.

8. Во меѓувреме, растопете 100 г путер, додајте 100 мл масло и добро измешајте. Оставете ја смесата настрана.

9. Земете една топка тесто, посипете ја со малку брашно, притиснете ја со рака и развлечете ја во круг со пречник од 10-12 см.

Повторете го процесот со сите топки, внимавајќи секоја кора да има малку брашно од двете страни за да не се лепи.

10. На посипана површина ставете две од поголемите кори. Богато премачкајте ги со смесата од путер и масло.

Земете друга кора, малку развлечете ја со раце и ставете ја врз првата, па повторно премачкајте со смесата.

Повторете додека да направите две купчиња од по 10 кори, при што секоја кора се премачкува со смесата, освен последната од секое купче.

11. Покријте ги двете купчиња со најлонска фолија и крпа, па ставете ги во замрзнувач 30 минути.

12. Извадете едно купче од замрзнувачот. Притиснете го со раце од двете страни за да се изедначи, посипете со малку брашно и развлечете го со оклагија до димензии двојно поголеми од плехот (две должини на плехот).

13. Исечете ја кората на половина за да добиете две кори. Едната половина ставете ја во плехот, по потреба дополнително развлечете ја за да се вклопи.

14. Измешајте 400 г свежо сирење и 200 г фета-сирење и распоредете од филот врз тестото во плехот. Прелијте со малку масло.

15. Земете ја втората кора, малку развлечете ја со раце и ставете ја врз филот. Распоредете фил и повторно прелијте со малку масло.

16. Постапката повторете ја и со другото тесто. Значи: кора-фил-кора-фил-кора-фил-кора. Последната кора премачкајте ја со масло или, по желба, со разматено јајце.

17. Загрејте ја рерната на 200 °C. Печете ја питата 50 минути или додека да добие златнокафеава боја.

18. Извадете ја питата од рерната, оставете ја кратко да се излади, превртете ја врз рамна површина како бурек, па исечете ја и послужете ја.

Оваа пита е совршена комбинација од крцкави кори и богат вкус на сирење, идеална за секое време од денот! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ: