Колачот е многу е вкусен, можете во кое било време да го приготвите, постапката е брза и лесна. Се приготвува од посни намирници, па така, денес имате голем избор на бисквити, а вие одберете кои вам ви се највкусни.




Посниот шлаг се мати со сок од јаболко, но доколку ви се допаѓа некој друг вкус, тогаш одберете друг овошен сок. Исто така, за оваа торта се користи комбинација од различни видови јатки, како кикирики, ореви и лешници, но вие и тука можете да направите сопствен избор и комбинација по ваш вкус. Колачот е многу вкусен и нема да се покаете доколку го испробате.




Се приготвува многу брзо, за помалку од 10 минути, но, единствено што треба е да почекате да се стврдне во фрижидер, а за тоа е најдобро да го оставите преку цела ноќ. Количините се за една класична „викенд“ торта, но доколку сакате да правите поголема, тогаш соодветно зголемете ги количините. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кесички посен шлаг без млечни масти, 250 мл сок од јаболко или некој друг сок, 50 г кикирики исечкани крупно, 30 г ореви исечкани крупно, 30 г лешници исечкани крупно, 150 посни биксвити по желба (ние одбравме чоколадни, со какао), 5-6 петит кекси, малку сок за натопување на петит бисквитите, 2 лажици шеќер и глазура по желба




ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете го прашокот за шлаг и измешајте го две лажици шеќер. Додајте 250 мл сок од јаболка или некој друг бистар овошен сок (може и газирана вода), па изматете го со миксер (малку подолго, додека доволно да згусне за да може да се мачка).




Во изматениот шлаг додајте сечкани лешници, ореви и кикирики кои претходно сте ги истостирале/потпекле во сува тава со непрекинато мешање додека да се ослободат аромите (тостирањето може да се прескокне).




Промешајте внимателно со лажица или шпатула за да се изедначат состојките, а смесата да остане кремаста и воздушеста. Посните бисквити искршете ги крупно и додајте ги во оваа мешавина со шлагот.




Промешајте повторно и по потреба додајте уште бисквити доколку ви се чини дека за тоа има потреба. Во мал калап обложен со проѕирна фолија рамномерно распоредете ја смесата и израмнете.




Одозгора наредете петит бисквити претходно натопени во малку сок. Затворете со фолијата и ставете во замрзнувач да отстои два часа или во обичен фрижидер преку цела ноќ за убаво да омекнат бисквитите.




Потоа извадете го колачот, превртете го врз тацна за послужување и прелијте го со чоколадна глазура по желба. (Глазура: 50 г чоколадо со 1 лажица масло растопено на пареа). Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.