Овој рецепт за вкусни и здрави десерт-топчиња е многу лесен и едноставен. Се приготвува многу брзо, а во вкусот ќе уживате. Не содржи шеќер, освен природниот, оној кој го содржи сувото овошје. Десертот изобилува со влакна и корисни витамини и минерали кои поволно делуваат врз здравјето.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г индиски ореви, 70 г урми, 200 г суви кајсии. Набавете сирови и несолени индиски ореви. Тие се одлични како подлога за разни десерти, но и солени намази, поради својот неутрален вкус и волуменот кој им го даваат на јадењата.




ПОСТАПКА: Индиските ореви малку истостирајте ги: ставете ги во сува тава, па пропржете ги на умерена температура со постојано мешање додека убаво да замирисаат. Потоа тргнете ги на страна и оставете ги да се оладат.




Потоа ставете ги во блендер и ситно сомелете ги и истурете ги во некој длабок сад. Урмите исчистете ги од семките, па и нив ставете ги во блендер. Сувите кајсии исечкјате ги ситно и додајте ги во блендерот.




Сомелете го сувото овошје додека добро се иситни. Потребно е малку време, бидејќи сувото овошје е лепливо, па можеби ќе биде потребно да употребите и неколку „пулса“. Меленото суво овошје додајте го во садот со мелените индиски ореви.




Состојките можете да ги измешате и со лажица, но најдобро се изедначуваат доколку ги „замесите“ со рака. Потребно е добро да се изедначат сите состојки во хомогена, компакна смеса која лесно се обликува со раце.




Кинете по малку од смесата и со помош на дланките формирајте топчиња кои потоа ќе ги валкате во мелени ореви/лешник/кокос/ или нешто по ваш вкус. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.