„Ние во Војводина божиќната пита ја правиме на поинаков начин, повеќе наликува на баклава, односно слатка пита со ореви, мед и суво грозје, со тенки кори. На овој начин ја правеше мојата баба, мојата мајка, а сега традицијата ја презедов јас.
Постапката е многу слична на онаа за подготвување на баклава, само што на крајот не се полева со шербет, туку се премачкува со мед. Војводинската слатка пита е дел од Божиќниот ритуал што домаќинката го прави рано наутро ставајќи париче во питата/тестото, а кое означува среќа и бериќет во текот на целата година за оној кој ќе го пронајде, но и на сите во домаќинството.“ Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови тенки кори, 400 г ореви (може половина мелени, а половина сечкани, но овојпат сите ги сомлев), 200 г суво грозје, 300 г кристал шеќер, 250-300 мл млеко, 150 мл масло, мед (приближно 100-тина грамови)
ПОСТАПКА: Оревите сомелете ги и ставете ги во еден подлабок сад, па додајте го шеќерот и 200 г суво грозје, па промешајте. Сувото грозје нема потреба претходно да го натопувате во врела вода, зашто кога ќе дојде во допир со млекото и маслото во текот на печењето, самите ќе си омекнат.
Бидејќи ова е традиционална божиќна пита, во неа се става и паричка. Паричката оставете ја во сода бикарбона и оцет, па после 5-10 минути истријте ја со некоја стара четкичка за заби, па налејте вода и добро исперете ја.
Отворете ги корите па исечете ги според величината на плехот во кој ќе ја печете питата. Дното на плехот намастете го со масло, па ставете ја првата кора. Испрскајте ја со малку масло, па ставете втора кора. Оваа кора испрскајте ја со малку млеко.
Ставете 2-3 лажици од филот, распоредете насекаде по малку, па поклопете со трета кора, односно искористете ги оние помалите исечоци од страните што ви останаа од кроењето на корите. На ист начин продолжете да ги редите корите додека да го потрошите сиот материјал (кора, масло, кора, млеко, фил, кора..)
Кога ќе бидете некаде на средина со редење на корите и филот, ставете ја паричката (мене некогаш ми се случува да ја заборавам). Во некои краишта постои обичај да се чува паричката покрај икона цела година, а во други краишта постои обичај, кога се купува нешто важно за куќата да се даде токму таа паричка.
Кога ќе дојдете речиси до крајот и ќе го ставите последниот ред фил, залијте го целото млеко кое ви преостанало, па ставете ги последните две кори и премачкјате ги со масло. Плехот малку подигнете го под сите агли за да може млекото и маслото рамномерно да се распореди и впие.
Потоа исечете ја питата на коцки. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а за тоа време питата ќе си отстои и ќе ги впие сите вкусови. Одозгора покријте ја со парче хартија кое претходно сте го изгужвале и натопиле во вода.
Ставете да се пече во врелата рерна (со хартијата се покрива за да не изгори предвреме, а се трга после 20 минути печење). Питата се пече вкупно 35-40 минути. Кога е печена одозгора премачкајте ја со мед и оставете да се олади. Деталите погледнете ги ОВДЕ.