Тортава нема никаква мана, практична е, декоративна и многу вкусна. Совршена е за родендени и други свечени пригоди, а може да си ја приготвувате и во обични денови, затоа што е многу лесна и едноставна.
Не ви е потребен калап за торти со обрач, тортата можете да ја приготвите и во обично тенџере, само претходно треба да го обложите со проѕирна фолија. Исто така, не ви треба ниту рерна, бидејќи тортата се приготвува од бисквити и многу, многу вкусен чоколаден крем.
Има одличен вкус, не е премногу блага, а бисквитите убаво омекнуваат од кремот и се топат во уста. Сè е многу лесно, а најдоброто е тоа што нема да извалкате куп садови и релативно доста брзо ќе ја подготвите. Ако ви се допаѓа нашиот предлог за декорација искористете го, а доколку сакате, можете да ја декорирате и по сопствен вкус.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши млеко (400-500 мл), 2 жолчки од свежи јајца, 1/2 чаша шеќер, 2-3 полни лажици скроб/густин/нишесте, 1 супена лажица путер, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 мл слатка павлака (или свежо, несолено крем сирење), 80 г чоколадо, 2 вида бисквити обични и со какао (количина зависи од големината на тенџерето), 2 кесички шлаг, 1 чаша ладно млеко. За чоколадна глазура: 1/2 чаша шлаг, 80 г чоколадо, 1 лажица какао во прав
ПОСТАПКА: Во тенџере ставете го млекото, додајте две жолчки, шеќер, ванилин шеќер и скробот, па добро промешајте со жица маталка додека да се соединат состојките. Тенџерето ставете го на оган и гответе на умерена температура со непрекинато мешање додека да се згусне како пудинг.
Во топлиот крем додајте го путерот и промешајте за да се растопи и инкорпорира. Потоа додајте го и чоколадото искршено на коцки, па мешајте додека и тоа да се растопи и да добиете чоколаден крем. Оставете малку да подизлади, па започнете постепено да го додавате крем сирењето / течната павлака (ладна од фрижидер).
Матете со миксер додека да се соедини. Можете и настрана да го изматите шлагот од слатката павлака, па да го додадете и да го соедините со изладениот крем, со помош на лажица или шпатула. Со ова, кремот-фил е завршен. Отворете ги сите бисквити на работната површина, за полесна работа.
Секој бисквит премачкјате го со по една лажица од филот. Тенџерето во кое ќе ја редите тортата убаво обложете го со стреч / проѕирна фолија. Бисквитите започнете да ги редите кружно, на ѕидовите од тенџерето, формирајќи концентрични кругови.
Задржете го редоследот доколку сакате тортата да биде уште подекоративна, односно еден круг да биде со светли, а друг круг со кафеави бисквити. Сепак, можете и целата торта да ја приготвите со еден вид бисквити, таа нема да изгуби од вкусот.
Кога ќе завршите со редењето на бисквитите (внимавајте сите празнини да бидат пополнети, а во центарот доколку е потребно употребете и кршени кекси), одозгора премачкјате со преостанатиот крем. Прекријте ја одозгора со фолија и тортата оставете ја во фрижидер на ладење.
ЗА ДЕКОРАЦИЈА: Тортата превртете ја врз десертна чинија. Изматете шлаг или слатка павлака па премачкјате ја целата торта од горе и страните. Вратете ја во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.
Загрејте ја слатката павлака (не смее да зоврие), па додајте го чоколадото искршено на коцки. Додајте и една лажица какао во прав, па промешајте додека убаво да се растопи и да се соеиднат состојките во глазура. Прелијте врз тортата и декорирајте по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.