Нема кој не ги сака кифличките кои одговараат буквално со секое јадење. Најчесто домаќинките ги подготвуваат како замена за лебот, а некои ги прават и благи и ги полнат со чоколадо или џем. Во продолжение може да прочитате брз рецепт за кифлички кои ќе ви одземат само 30-тина минути подготовка, а вкусот е неспоредлив со другите рецепти.
Кората е крцкава, а однатре се меки и при секој залак се излева филот. Јас ги филувам со чоколадо, бидејќи дечињата најмногу такви ги сакаат. Иако се пржат како крофните, воопшто не излегуваат масни. Рецептот е без јајца и ви се потребни само неколку едноставни состојки. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 140 мл топло млеко, 40 г шеќер, 4 г инстант квасец, 250 г бело брашно, 1/4 лажичка сол, 20 г путер, сусам за наросување на кифличките и за премачкување ќе ви биде потребно растопено чоколадо или џем по ваш избор. Може да ги правите и пола-пола, едните со чоколадо, а другите со џем. Во продолжение прочитајте ја постапката:
ПОСТАПКА: Млекото треба претходно да биде стоплено на собна температура. Потоа истурете го млекото во еден сад, додајте го шеќерот и инстант квасецот. Промешајте со жица/маталка до соединување, па по неколку минути кога квасецот ќе се активира, постепено започнете да го додавате брашното, помешано со солта.
Измешајте ја смесата со шпатула додека да почне да се соединува и да станува компактна, а потоа преминете на месење со раце. Замесете го тестото неколку минути додека да стане мазно, сјајно и меко, да не лепи на раце. Веднаш префрлете го на рамна површина и со прстите развлечете го во помал круг, со сплескување.
На средина на тестото ставете го путерот кој треба да биде омекнат и повторно замесете го тестото додека целиот путер да се апсорбира. Овој пат тестото месете го околу 10-тина минути, тоа е оптималното време додека целиот путер да се соедини со тестото. Покријте го со крпа и оставете го на топло место да стасува околу 15-тина минути.
По изминатото време, размесете го уште малку, па потоа обликувајте го во топче и поделете го на 10 еднакви делови. Секој дел се обликува во топче и сите топчиња се оставаат да отстојат покриени уште 10-тина минути. Потоа, секое топче се развлекува со оклагија во тенок круг, не треба да биде преголем и на горната половина се премачкува со малку млеко и се лепи малку од сусамот.
Тестото се превртува од другата страна и од горната страна (која е од страна на сусамот) се прават 7 резови, но не треба краевите на тестото да бидат пресечени (погледни слика). Резовите се прават на горната половина од кругот, а на втората половина се става малку од филот.
Јас ставам растопено чоколадо со помош на готварски шприц. Потоа тестото се превиткува од страната на филот, малку се прилепуваат краевите со прстите, па потоа истото се превиткува од двете страни, па се завиткува како ролат почнувајќи од страната на филот, така што сусамот и резовите ќе дојдат одозгора. На овој начин се подготвуваат сите кифлички.
Вака подготвените кифлички се оставаат да нараснат покриени во плех, уште 10-тина минути, па се пржат во тавче со загреано масло на средна температура, додека да поруменат од сите страни. Вадете ги кифличките на овал обложен со хартија и послужете ги. Вкусни се да се јадат и ладни и топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.