Овие бисквитни колачиња се прават многу едноставно. Потребни ви се неколку состојки кои треба добро да ги соедините и потоа само да ја извадите формата со помош на чаша или специјална модла за колачиња.
Колачињата се едноставни и затоа може да се комбинираат со повеќе состојки. Може да ги јадете суви, наросени со шеќер во прав, да ги печете сосе мелени јатки или да ги глазирате со некој чоколаден крем. Изборот останува на вас, а во продолжение прочитајте ги потребните состојки за основата:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г путер, 125 г шеќер, 2 јајца, 100 г печени и сечкани кикирики, приближно 350 г брашно, 8 гр прашок за пециво за колачи. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: сечкани бадеми или лешници, жолчка + половина лажичка какао.
ПОСТАПКА: Путерот и јајцето треба да ви бидат омекнати на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на тестото. Путерот ставете го во еден сад и изгмeчете го со виљушка додека да се направи кашест. Додајте го шеќерот и енергично измешајте додека да се соедини со путерот.
Додајте две јајца, измешајте ги, па настрана ситно исечкајте кикирики, ореви или лешници, а може и микс по избор на јатки по ваша желба. Соединете ги состојките во малку потечна смеса, која ќе се разреди откога ќе ги додадете јајцата.
На крајот, постепено започнете да го додавате брашното, сосе прашокот за печиво. Додавајте постепено, додека да почне да се соединува смесата во цврсто тесто, па преминете на замесување со раце. Формирајте цврсто тесто кое не треба да се лепи на прсти и да не се распаѓа. Тестото треба да биде компактно.
Тестото веднаш префрлете го на рамна површина врз хартија за печење и развлечете го со оклагија колку повеќе можете. Тестото треба да биде тенко растегнато. Со помош на чаша или модла за колачиња, вадете полумесечинки од тестото, така што ќе користите само половина од чашата/модлата.
Вака подготвените колачиња се редат во плех обложен со хартија за печење. Настрана подгответе мешавина од 1 жолчка и половина лажичка какао, соединете и одозгора премачкајте ги колачињата со оваа мешавина со кујнска четкичка (и со виљушка направете шари). На едната страна од колачињата, по желба залепете малку сечкани ореви и лешници.
Секако, овој чекор е опционален и доколку сакате може да го прескокнете. Колачињата печете ги во претходно загреана рерна на 170/180 степени, околу 15-20 минути. Извадете ги од рерна, оставете ги да се оладат и веднаш послужете ги. По желба, може да ги декорирате со глазура од растопено чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.