Лесен за подготовка и уште повкусен ми е кога е ладен. Нема валкање на непотребни садови, ниту се пече, па да се вжешти целата кујна на овие горештини. Идеален за летно време, плус може да го јадете и додека сте на диета, во него има малку шеќер.

Ова е рецепт, лесен како од рака, бисквитите даваат совршена текстура и супер се комбинираат со кремастиот вкус од црно чоколадо. Запишете си го рецептот, вреди да го имате во вашиот тефтер. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г бисквити, 400 мл млеко (2 чаши), 2 големи лажици шеќер (или помалку), 2 големи лажици скроб (нишесте, 30 г), 2 големи лажици незасладено какао, 100 г темно чоколадо. И уште: 250 мл засладена павлака за готвење, 200 г темно чоколадо.




ПОСТАПКА: 400 г обични бисквити скршете ги на помали парчиња со рака. Треба да бидат со големина како да се на четири или пет пати поделени. Настрана во тенџере додајте 400 мл млеко, 2 големи лажици шеќер, 2 големи лажици скроб и 2 големи лажици незасладено какао.




Со помош на жица, измешајте ги состојките додека правот од какаото и останатите состојки да се соединат во млекото. Ставете го тенџерето на рингла и со повремено мешање почекајте смесата да зоврие. Ринглата треба да биде вклучена на средна температура.




Кога ќе се добие чоколаден крем кој има течна конзистенстност, тргнете од ринглата и додајте 100 г искршено чоколадо на коцки, во врелиот крем. Измешајте за чоколадото да се растопи во кремот, а потоа додајте и една коцка путер. Соединете.




Вака подготвениот крем излејте го во искршените бисквити и со шпатула нежно распоредете насекаде низ нив. Кога сите бисквити ќе бидат натопени во чоколадо, смесата се излева во калап со флексибилен обрач со димензии 24х20 см или слична големина.




Колачот фино се распоредува подеднакво низ целиот калап и одозгора се измазнува за кога ќе го излеете филот од чоколадо да може фино да си ,,легне”. Калапот со колачот ставете го во фрижидер да се стегне неколку минути додека го подготвувате филот.




Подготовка на филот: Незасладената павлака ставете ја во тенџере да зоврие, па потоа тргнете од рингла и додајте го чоколадото. Измешајте додека да се растопи, па додајте мала коцка путер и измешајте во топлата павлака, за поубав вкус.




Филот се излева преку колачот и се става во фрижидер добро да се стегне, отприлика околу 6 часа или најдобро преку цела ноќ. Колачот пред послужување исечете го на коцки, а одозгора може да го декорирате со нешто по ваша желба, како на пример наросени мелени фстаци или мелено бело чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.